Корсетите, кринолините и огромните фустани малку ги ограничувале жените во тоа време, ама на овие Четириесет слонови модата им одела во прилог. Слично како што денес ја користиме облеката на повеќе начини (да не одиме голи, да покажеме статусен симбол или да ја истакнеме сопствената креативност), Четириесетте слонови ја користеле - за крадење.
Најјаки.
Оперирале од кај 1870-тите, дури до 1950-тите. Два цели века го тероризирале Лондон и околината, правејќи ги најелаборативните операции за кражба било кога видени во Велика Британија.
Носеле специјално кроена облека која дозволувала лесно полнење со скапи работи од скапи лондонски продавници. Го искористиле фактот што на жените им била дозволена приватност додека купувале и знаеле да излезат од продавница незабележано со роба вредна илјадници фунти.
Се движеле во мали групи и додека понеискусните крадци им одвлекувале внимание на чуварите, бандата набрзина влегувала, собирала и излегувала. Преправени во слугинки и чистачки, прелажале еден куп богати семејства и уценувале еден тон богати мажи кои паднале на нивното заведување.
Именувана според областа каде што оперирала, Elephant and Castle, од дамската банда успешно се идентификувани околу седумдесет директни членови.
Во раните години на дваесеттиот век, водач на бандата била Алис Дајмонд, или Diamond Annie, или „Кралицата на четириесетте разбојници”. Позната била по нејзиниот удар, поради тупаницата накитена со дијамантски прстени.
Еден од поинтересните детали е нивната умешност да избегнат полиција. Со парите што успевале да ги украдат, си правеле луксузни џез забави и живееле богато, како што баш и не можеле да си дозволат жени од поскромни семејства.
Четириесетте слонови станале толку озлогласени во западен Лондон, што самото нивно присуство во близина на дуќаните ги вадело луѓето од памет. Биле и премногу славни за нивно добро - веќе ги знаеле и понатаму биле принудени да се фокусираат на блиските гратчиња. Оделе божем на екскурзии и прошетки со празни куфери, а се враќале, се разбира, со полни.
Откако една жена ќе станела член на Четириесетте слонови, останувала таму скоро цел живот. Многу од нив почнувале и на 14-годишна возраст, а останувале до старост. Дури и кога ги апселе, не ги осудувале на повеќе од 3 години затвор.
Не се занимавале со насилство, но посветено го штителе нивниот дел од градот и барале провизија од секој кој сметале дека стапнал на нивна територија. Една од бандитките, Мери Хјуз, позната по тоа што истрчала од продавница со послужавник со 34 дијамантски прстени на него, ја уапсиле откако избодела полицаец во око со игла за шешир.
Како што градот станувал пообезбеден, крадењето станувало се потешко, така што, Четириесетте слонови полека згаснувале, но сепак, во наследство оставиле една потресеност кај многу дуќанџии во Лондон.
А сега, да се вратиме малку погоре, на нешто што ме мачи од прееска. Од кај тоа дека престанале да оперираат баш во ’50-ти?
Може станале такви ко Ocean’s Eight.