Разно

99 најдобри работи што се случија во 2017

Да не биде дека тревата секогаш е позелена во следната година, Кварц составија список на вести од годинава од кои сите (или барем голем број од нас) имаат ќар и што беа масовно позитивни за човештвото.

Кина забрани 553 модели на автомобили заради загадување

Забраната не е за овие 553 модели да се возат низ земјата, туку ниту еден од нив повеќе не смее да биде произведуван. Благодарејќи на серија слично драстични мерки, Кина повеќе не е на првото место како најзагадена држава.

Калифорнија го прекори Нестле дека е дрч за вода

Властите на Калифорнија решија дека Нестле нема право да флашира и да продава вода за време на големата сушата што ја има зафатено американската сојузната држава.

Директоре, со алал да ти е авионот

Бордот на Епл решил дека ЦЕО-то Тим Кук од сега мора да лета само и само со приватен авион „во интерес на неговата безбедност и ефикасност“, без разлика дали било за работа или одмор.

Прво скокни (во текстот) па стисни шер

Републиканскиот сентатор од Јута Орин Хеч деновиве пријатно се изненади кога виде дека влијателен локален медиум го прогласил за човек на годината во таа американска  федерална држава. Хеч побрза да го сподели тоа и да се заблагодари на честа. Пред да прочита за што му се дава таа титула.

Илузијата на американска ракетна одбрана

Како што низ добар дел од годинава се крчка непријателството и нуклеарното сскање меѓу САД и Северна Кореја, така американските медиуми речиси со редовност на топ-шоп презентации постојано вртат стории за капацитетите на американската ракетна одбрана, чија главна мана е што е добра само кога ќе функционира.

Нов Зеланд прогласи планина за физичко лице

Светата планина Таранаки во Нов Зеланд е трет географски ентитет во земјата на кого законски му се дадени исти права како и на кој и да е граѓанин на оваа земја. Од поштовање.

Некој овде не е наш

Не е кромид; Пентагон навистина имал тајна програма за следење НЛО и за неколку години се собрал доста зачудувачки материјал. Човекот кој две години ја водел програмата признава дека често не знаеле што гледаат.

Што стварно сака Путин?

Рускиот претседател успеа да убеди голем број од Американците дека е манипулативен гениј, а всушност тој е само коцкар на кој му се падна голема премија, пишува Џулија Иофи во текстот за Атлантик.

Како владите станаа бизниси

За да се избегне сеприсутниот впечаток за превработеност на администрацијата и прескапиот бавен и неефикасен државен апарат, државите решаваат многу свои функции да аутсорсираат и да ги дадат во раце на приватни под-изведувачи. Ем поефикасно, ем тие вработени не се бројат како некои кои „народот ги плаќа“. На тој начин, завршуваме со многу поголем апарат (кој народот го плаќа) од оној кој сме сакале да го избегнеме.

Мејведер има понуда да се врати за 1 милијарда долари

Информацијата ја објави самиот Мејведер, мала техникалија е дека нема да се врати во ринг, туку во октагон. Понудата е од УФЦ.

Ретка пресуда за нигериската меил измама

Затворска но релативно мала казна му е определена на еден Нигериец кој со озлогласените финти преку меил успеал да олесни илјадници луѓе за 25 милиони долари.

ФБИ најде Русин што ќе признае дека ги хакнал демократите по наредба на Путин

Тазе признанието на рускиот хакер дека ги украл мејловите на Хилари по наредба на Москва, следува само неколку месеци откако американските медиуми објавија дека руски хакер одбил да прифати пари, државјанство и стан во САД, во замена за преземање на одговорноста хакирањето.

Годината кога хаосот стана стандард

Без разлика дали се рекордните пожари во Калифорнија, или 300 и кусур жртви во терористички напад во Египет, или Јемен каде се случува најголемата хуманитарна криза од Втората светска војна до денес, (или локално името, црквата, јазикот, историјата) годинава јавноста гледаше само да го пројде денот, не ни обрнувајќи внимание на целосниот распад што се случува околу нејзе.

Дали Најк хиџаб е напредок или уназадување на муслиманките?

Нешто слично како со дилемата околу американските феминистки кои почна да користат слика од забулена муслиманка како симбол на борба за унапредување на правата на жените и за сечие право да реши што со себе, така и со Најк Про Хиџаб колекцијата, не е јасно дали им помага или им одмага на муслиманките.

Се динста нов данок, данок на месо

Целата онаа глобална предигра против црвеното месо (триглицериди, ракови) доаѓа до својата логична фаза: сексот. Месото во иднина да се третира како порок и како такво, акцизно да се оданочи. Сето тоа спакувано како грижа за здравјето на луѓето и планетата.

Јапонците умираат сами

Македонската мрза не чини ама и тоа јапонската опседнатост со работа има своја опачина. Откако се изнаработиле за доброто на својата компанија и татковина, старите Јапонци тераат старост во која нема кој да провери ни дали се живи. 4.000 стари луѓе умираат секоја недела, сами, најсами во свет. Ни деца, ни пријатели, ни куче, ни маче.

Како интернетот не нè ослободи a социјалните мрежи нè ставија во трла

Социјалните медиуми беа верба во една транснационална мрежа која ќе го зближи човештвото. Истите тие мрежа всушност ги вчаурија луѓето во групи на истомисленици кои везден споделуваат слични ставови и погледи. И ако човек улулкан во тој истомислечки свет некогаш успее да сретне поинакво мислење, за него е нормално што тоа мислење го прогласува за ненормално.

Специјални сили за сенешто

Американските политички власти имаат моќи и ограничување врз Пентагон и неговите луѓе кога се во прашање регуларните воени сили, и тука завршува нивниот досег без никаква можност ни да припарат кај специјалните единици и нивните операции.

Кој ќе ги преживее властите, нема да ги преживее лудаците

Сето она на што денешниот граѓанин може да се пожали во врска со самоволието на властите, сето тоа е пробано на Џон Ленон: надгледување,  малтретирање, политичко гонење, етикетирање, криминализирање. Дури и кога ќе се добие битката со системот, следат лудаците кои системот ги произвел.  

Обединетите нации ќе ја истражуваат сиромаштијата и нееднаквоста во Алабама

Мисијата на претставникот на О.Н. во Алабама е да ја анализира екстремната сиромаштија, нееднаквоста и „пречките за учество во политиката“ (гласање на избори) во американската сојузна држава.

Ден во животот на снајперист во Сирија

Краткото филмче Снајперот од Кобани, почнува со војникот по име Харун, инаку Курд, снајперист, како оди на бербер да се спастри. Таму бербер ко бербер, зборува, за разлика од Харун.

Варуфакис за ЕУ: Лицемери со кои не вреди да се преговара

„Без памет е што тврдат дека ЕУ е заедница на држави а не на народи. Затоа што со таа порака, на оние кои се за независност, им даваат огромна причина да си направат држава“. Тачдаун.

Јапонците дури сега го нашле ураниумот од Фукушима

Шест ипол години по најголемата нуклеарна хаварија после Чернобил, роботите на јапонските инженери успеале да ја лоцираат стопената лава од ураниумското гориво на најоштетениот реактор на централата. Ние ги замислувавме Јапонците некако поагилни.