Како и добар дел штетни пракси и оваа ја започнува Буш помладиот, а Обама ја засилува до крајни граници, за Трамп и неговата администрација на готово да начекаат цела машинерија од обновени и унапредени сили за специјални операции.
„Единиците за специјални операции - некогаш мал и таен дел од војската што се користи за крајно специјализирани задачи - беше трансформиран во примарен инструмент на американската воена моќ и надворешна политика. Во овој процес, тие се ставени во невозможна ситуација,“ пишува Џејкоб Сигел во текстот за Вајс.
Уште длабоко во ерата на Обама, во извештај за Советот за надворешни односи од 2013, се објаснува дека специјалните сили „за два пати го имаат зголемено својот број и се распоредуваат почесто и на подолги периоди од кога и да е. Тие имаат повеќе генерали и адмирали кои раководат со нив - речиси 70, споредено со 9 од пред дузина години.“
Магазинот Тајм објавува дека американските специјални сили моментално имаат 8.000 припадници распоредени низ светот во секој еден момент, за споредба со околу 2.900 во 2001. Под специјални сили се подразбираат сите можни изведби на нерегуларни единици, од сите гранки на американската војска.
„Ваквата измена има своја цена - за идејата за војската како заштитник и извршител на демократските политики, а не нивна замена, како и за самите специјалци и нивните семејства, кои се истоштени до точка на крахирање,“ објаснува Сигел.
Со ваквото однесување, специјалците стануваат американска верзија на француската Легија на странци, единица која е одделна од армијата на земјата и составена речиси исклучиво од не-Французи, па и кога гинат, не гинат баш француски луѓе.
„Секако луѓето кои ги сочинуваат специјалните сили по сопствен избор се посебна класа - токму ова е целта на волонтирање во елитни единици. Меѓутоа самите специјалци сметаат дека тоа што се обележани со амблемот на американска моќ ги прави помалку видливи од останатите Американци.
По одредена точка, кастата на професионални војници не може да се разликува од армија на странци. Нивната цел е да бидат ничии синови и ќерки.
Славата кој им се дава на специјалците во филмовите и јавните спектакли одвоена од секакво чувство на споделено жртвување, го прави нивното постоење уште поотуѓено,“ пишува Сигел.
2016-та исто така е и првата година во која во акција загинале повеќе специјалци, отколку редовни војници. Тајм пишува: „на специјалните сили сега отпаѓаат речиси сите борбени жртви на САД, и покрај тоа што тие сочинуваат помалку од 5% од вкупните воени сили.“ На ова треба да се додаде уште една статистика според која само 1% од американските граѓани служат војска.
Погодноста на специјалните сили е што се релативно поевтини за распоредување отколку конвенционалната војска. Плус, имаат неспоредлива организациска флексибилност да можат да бидат употребени за најразлични цели, без притоа да треба да се минуваат секакви бирократски процедури. Уште една лагодност е што тие се „доволно созреани“ за да можеш да ги оставиш сами да завршат работа „и да најдат најмалку привремени решенија.“
„Посебно, ова се силните страни што ги дефинираат специјалните сили, меѓутоа земени заедно тие создаваат илузија за имање заедничка стратегија која не постои,“ анализира авторот.
Самиот имунитет на специјалните сили од секојдневно политичко влијание и проверки, значи дека тие директно ја заобиколуваат политиката, што е прекршување на нејзината главна цел за постоење „носење решенија кои ќе спречат вооружен конфликт.“
Во ваквото изолирање на војната од политичко влијание, крајно успешно се вклучени и нападите со дронови и останати форми на автоматизирани напади, како и употребата на приватни армии.
Оваа ситуација ниту е создадена, ниту е предизвикана од Трамп, туку тој само го начекува ова на готово. Неговиот „грев“ е што тој целиот систем го користи многу полошо и помалку внимателно од своите претходници.
Во 2017, само неколку дена по инаугурацијата тој наредува напад врз Ал-Каеда во Јемен, во кој загинува еден припадник на морнаричките Фоки, а тројца се ранети. Последователната истрага покажа дека во нападот се убиени и десетина цивили. Трамп се дистанцираше од ова и за неуспехот ги обвини своите генерали. Според извори од Конгресот, Белата куќа токму за оваа акција имала „невообичаено високо ниво на инволвираност“, заобиколувајќи неколку процедури и тела.
Во октомври следуваше акцијата во Нигер, каде тројца специјалци се убиени, а уште двајца се ранети во заседа. Моментално, 15% од американските специјални сили се распоредени во Африка.
„Специјалните сили се преработени и претерано распоредувани. И има сигнали дека ова доведува до трагични резултати. Обвинувањата дека припадници на специјалните сили масакрирале цивили во Сомалија ја минаа истрагата на Пентагон и беа отфрлени, но сепак за ова ќе се одржи конгресно сослушување. А помалку драматичните обвинувања за намалување на стандардите за зголемување на бројот на специјалци ги одекнуваат постојаните поплаки од елитните единици, кои сега стануваат само погласни.
Професорот од Универзитетот Џорџтаун и пензиониран полковник на армиските специјални сили, Дејвид Максвел, во едно интервју порачува: ’Има голем број одлични луѓе што прават многу одлични работи, постигнувајќи голем број тактички успеси, меѓутоа составувањето на оваа стратегија е нешто во кое едноставно не сме добри.’
Тој како пример ја дава Сирија, која е една од многу места каде имаме испратено специјалци ’само за да покажеме дека правиме нешто,’“ пишува Сигел.