Како интернетот не нè ослободи a социјалните мрежи нè ставија во трла

Социјалните медиуми беа верба во една транснационална мрежа која ќе го зближи човештвото. Истите тие мрежа всушност ги вчаурија луѓето во групи на истомисленици кои везден споделуваат слични ставови и погледи. И ако човек улулкан во тој истомислечки свет некогаш успее да сретне поинакво мислење, за него е нормално што тоа мислење го прогласува за ненормално.

“Социјалните медиуми го трансформираа начинот на кој војните денес се водат, медиумски се покриваат и се конзумираат“, вели Дејвид Патрикаракос во својата книга “Војна во 140 карактери“ во која зборува за промените во балансот на моќта кои ги донесе глобалната интернатизација. За брзината на промените сведочи и фактот дека самиот ваков наслов на неговата книга веќе е застарен откако Твитер ја дигна рампата од 140 на 280 карактери.

“Пропагандата е стара колку и самата војна, но традиционално, пропагандните операции служеа како поддршка на воените дејствија на теренот. Денеска тие воени операции се само поддршка за пропагандните операции во сајбер просторот“, вели лондонскиот автор.

Тој вели дека социјалните медиуми ни беа „шитнати“ како информативна утопија, верба во една транс-национална мрежа која ќе го зближи човештвото. Во некои аспекти тоа е точно; на Фејсбук можеш да се сретнеш и свртиш муабет со пријатели кои ти се на разни страни во светот. Но, истовремено таа мрежа нè капсулира, организирајќи не во слично-мислечки групи кои меѓу себе ги споделуваат истите погледи, верувања и предрасуди. Тие Фејсбук пријатели споделуваат статии а денес луѓето, особено младите, ја губат потребата да одат директно кај медиумските извори и се задоволуваат со содржини кои им ги одбрале слични на нив.

„И токму тоа ги прави мрежите толку моќна алатка на пропаганда и злоупотреба. Особено во воени времиња, кога си на социјална платформа исполнета со мислења на истомисленици, многу потежок е компромис со различните погледи. Потешко станува дури и да се разберат контра-ставовите бидејќи тие не се доживуваат само како различни туку како лоши, злобни, лажни и подмолни“, вели Патрикаракос во интервју за Вокс

Тој признава дека не знае каде води сево ова и дека се чини дека луѓето се спремни и среќни да живеат во такви паралелни универзуми какви што се нивните кругови од социјалните мрежи.

„Искрено мислам дека работите ќе станат многу полоши пред да почнат да се подобруваат. Ако воопшто некогаш почнат да се подобруваат“, вели тој.