Разговарајќи за главната приказна во јануарското издание на Атлантик, Иофи се среќава со Глеб Павловски, политичкиот консултант кој му помага на Путин да победи на изборите 2000-та, и работи во Кремљ до 2011. Запрашан за улогата на Путин во изборот на Трамп, Павловски прво почнува да се смее, па објаснува:
„Ние завршивме одлична работа во првата деценија од владеењето на Путин, креирајќи илузија дека Путин контролира сè во Русија.
Сега е веќе смешно колку Американците му припишуваат на него.“
Во истите рамки е и одговорот на еден бизнисмен со кого разговара Иофи, кој е високо рангиран во Обединета Русија, партијата на Путин:
„Сакаш да ми кажеш дека сè во Русија функционира лошо, освен нашите хакери? Роснефт не работи добро. Нашиот здравствен систем не работи добро. Нашиот образовен систем не работи добро. И тука, од нигде никаде, се нашите хакери и тие се неверојатно добри?“
Иофи објаснува дека исто како што Русите ја преценуваат Америка, и ја гледаат како семоќен диригент на глобалните политички случувања, така и Американците своите стравови го проектираат врз Русија, „земја која е парадокс на умешност, моќ и вкоренета слабост - непоколебливо стабилна, а сепак некако постојано на раб од колапс.“
„Сепак ниту еден од овие фактори не ја отстранува заканата што Русија ја претставува...
...Ова е ненадејна ескалација на непријателства за држава со проблеми чии елити имаат безначајна контрола на американската политика.
И ова е класичен Путин, и класично руски: употреба на смела агресија за да се маскира слабост, да се одмазди длабок презир, и, по секоја цена, да се преживее,“ пишува Иофи.
По нејзини зборови таа оди во Русија за да најде одговори на две прашања. Првото како Кремљ „и покрај сите ограничувања успеа да спроведе една од најголемите саботажи во модерната историја,“ и второ „до каде е Путин подготвен да оди за да го добие тоа што го сака.“
За разлика од претходните двајца, рускиот новинар Андреи Солдатов, „со длабоки врски во руските безбедносни служби“ на Иофи и објаснува дека според сето она што го знае од своите извори „станува збор за многу емотивна и тактичка одлука. Луѓето беа многу вознемирени од Панама документите.“
Објавени од меѓународен конзорциум, документите „протечени“ од една панамска адвокатска компанија специјализирана за криење пари и избегнување даноци, покажаа информации дека на пример пријателот на Путин и кум на неговата постара ќерка, а инаку челист, Сергеј Ролдугин, на свое име има околу 2 милијарди долари, што според новинарите се пари кои им служат на луѓето од блискиот круг на рускиот претседател.
Информациите беа отфрлени и од Ролдугин, и од портпаролот на Путин, Дмитри Песков (чија сопруга се споменува во документите), како информации собрани „од бројни поранешни вработени на Стејт департманот и ЦИА“ во обид да се „дестабилизира Русија пред парламентарните избори во 2016.“
Според верзијата на Солдатов, на 8-ми април 2016, Путин свикува итен состанок на неговиот Совет за национална безбедност, во кој само двајца од осум луѓе не се ветерани на КГБ. Заради тајмингот и таинственоста на состанокот, Солдатов верува дека Путин тогаш наредува да започнување на контра акција.
Според него, првичната намера е да се посрамоти и да и се наштети на Хилари Клинтон, за да се покаже дека американската демократија е подеднакво корумпирана како и руската, ако не и полошо. Во тој момент никој не верува во Трамп, дури ни најмалку, „а во секој миг, луѓето што го спроведуваа ова беа исполнети со возбуда од тоа колку добро им оди, и тој успех ги тераше да одат на следниот чекор.“
Извештајот на Краудстрајк, компанијата ангажирана за проверка на упадот во компјутерскиот систем на Демократската партија, покажува дека во руската акција има двајца главни играчи: руското воено разузнавање, и или ФСБ или руското дипломатско разузнавање, „меѓутоа изгледа ниту еден од нив не беше свесен за другиот.“ Дмитри Алперович ко-основачот на Краудстрајк, во својот блог-пост за хакирањето објаснува „забележавме две руски шпионски групи како напаѓаат ист систем и одделно работат на кражба на идентични информации“.
Токму хаотичниот пристап на Русите, се смета за причината за нивниот успех во 2016. Администрацијата на Обама пред претходните избори уапси и депортираше 10 руски шпиони обвинети за мешање во изборите во 2008 (кои беа разменети за уапсени американски шпиони во Русија). Подготвени дека ќе има некакво мешање од страна, администрацијата открива дека Русите се обидуваат да ги пробијат системите за гласање на претседателските избори. Во ваква ситуација, пробивањето на меил серверите на Хилари и лажните вести околу неа изгледаат далеку помалку проблематични за администрацијата, и многу потешки за справување без тоа да излезе дека е во корист на кандидатката на демократите.
Првата реакција следува во септември 2016, за време на Г20 самитот во Кина, кога Обама лично му кажува на Путин „да престане“. Белата куќа има на располагање и нови санкции за Русите, како и намера за објавување на нови информации за богатството на Путин, „ама решава против тоа, бидејќи таков потег може да има контра-ефект... Русите може ќе објават уште украдени документи, а којзнае што имаат.“
На 7 октомври, Одделот за домашна безбедност и канцеларијата на директорот на националното разузнавање излегуваат со изјава дека „американската разузнавачка заедница е уверена дека руската влада го наредила неодамнешното компромитирање на мејловите“ на американските политички организации, со цел мешање во американските избори.
„Белата куќа очекуваше дека медиумите ќе ја објават оваа сторија, и тие тоа го направија од 15:30 до 16 часот. Во 16 часот, соопштението од државниот безбедносен апарат беше засенето од откритието од една поинаква сторија: снимката од Аксес Холивуд, во која Трамп се фали како сексуално напаѓал жени. И медиумите и кампањата на Клинтон се фокусираат речиси ексклузивно на оваа снимка, не на извештајот од разузнавачката заедница.
Иако соопштението мина незабележано, администрацијата на Обама чувствуваше дека Русите уште претходно ги сфатиле сигналите зад сцената. Според Солдатов и двајца функционери од администрацијата на Обама, Москва во октомври веќе ги има прекинато своите обиди да ја пробие гласачката инфраструктура на американските избори.
Меѓутоа протечените информации и лажните вести никогаш не престануваат.
Обама се плашеше дека дополнителното излегување во јавност на темава ќе изгледа како негово навивање за Клинтон. А тој исто така беше сигурен дека таа секако ќе победи - па ќе се справи со Русите откако ќе стане претседател,“ пишува Иофи.
Конечниот удар доаѓа во форма на документ испратен до ФБИ, во кој кампањата на Хилари е прикажана во лошо светло. Извор на ФБИ доаѓа до документ од руското разузнавање кој покажува дека јавната обвинителка Лорета Линч имала комуникација со човек од кампањата на Хилари, при што ветува дека ФБИ нема претерано темелно да го истражува користењето на приватен меил сервер од страна на Хилари во времето кога била државен секретар. Овој документ подоцна игра клучна улога за директорот на ФБИ, Џејмс Коуми, прво во јули, а потоа во октомври, на две недели пред изборите, да започне истрага против Хилари. Според извештајот на Вашингтон пост, сомнежот е дека документот е руски фалсификат.
„Фалсификат, неколку групи хакери, и капка по капка протекување документи со добар тајминг, беше сè што е потребно за американската политика да се втурне во хаос. Дали и до кој степен кампањата на Трамп соработуваше во руските напори е предмет на актуелни истраги.
Без разлика, Путин изведе спектакуларен геополитички грабеж со ограничен буџет - околу 200 милиони долари, според поранешниот директор на националното разузнавање, Џејмс Клапер. Ова е поентата што Американците не ја разбираат: субверзијата на изборите беше подеднакво производ на импровизација и ентропија колку што беше на долгорочна визија.
Она што го прави Путин ефективен, што го прави опасен, не е неговата стратешка брилијантност, туку тактичката флексибилност, способноста да се адаптира - и подготвеноста да експериментира, да нарушува и да презема големи ризици,“ пишува Иофи.
Таа ја пренесува изјава на висок функционер од администрацијата на Обама, кој нагласува дека Русите „не се глупи и планираат, ама замислата дека тие го имаат сето ова совршено испланирано и дека Путин е еден неверојатен шахист - едноставно не е точна.“
„Тој знае каде сака да заврши, тој ги планира првите неколку потези, и остатокот го разрешува во тек. Луѓето прашуваат дали тој игра шах или дама. Ни едното ни другото: тој игра рулет. Има висока наклоност кон ризик. Размисли. Мешањето во изборите - беше крајно ризично тоа што тој го направи. Ако Хилари Клинтон победеше, тоа ќе беше пекол за него,“ објаснува изворот на Иофи.
За разузнавачите самата акција на Русите е ризична, колку што е и безобразна заради својата невнимателност, и “фактот дека ним не им е гајле дали тоа ќе биде јавно поврзано со нив, е најголемото изненадување.“
Ако ви се слуша статијата, наместо да ја читате:
Целосниот текст, тука