Дали Најк хиџаб е напредок или уназадување на муслиманките?

Нешто слично како со дилемата околу американските феминистки кои почна да користат слика од забулена муслиманка како симбол на борба за унапредување на правата на жените и за сечие право да реши што со себе, така и со Најк Про Хиџаб колекцијата, не е јасно дали им помага или им одмага на муслиманките.

Најк хиџабот е првиот спортски хиџаб што го продава глобален бренд и производот се појавува неколку години откако повеќе голем спортски асоцијации решаваат да дозволат муслиманките на најразлични натпреварувања да се појавуваат комплетно покриени.

Пред 3 години ФИФА ги смени своите закони за покривање на главата на фудбалерите, и дозволи фудбалерките да играат со хиџаб. Годинава ова го дозволи и ФИБА за кошаркарките. Минатата година за прв пат американска репрезентативка се натпреваруваше на Олимпијада носејќи хиџаб.

Вон службениот дел, дебатата околу хиџабот во спортот не е ни најмалку решена, и се движи меѓу тоа дека тој или е симбол на репресија или симбол на еманципација или двете.

Натпреварувачката во уметничко лизгање од Обединетите Арапски Емирати, Зара Лари, го смета Најк хиџабот „за чекор кон инклузивност“. Таа е и една од спортистките што работат со Најк на тестирање на производот, и жената која пред неколку години успева да ги убеди функционерите на Меѓународниот сојуз за уметничко лизгање да дозволат носење марама на глава за време на натпреварувањата.

„Најк е спортски бренд од светска класа и тоа што тие ги поддржуваат муслиманките во спортот е фантастично. Не можам да зборам за туѓите мислења, можам само да кажам дека има жени кои страдаат од најразлични форми на репресија низ целиот свет, без разлика на религијата,“ изјавува Лари.

Позицијата на Шенила Хоџа-Мулџи од Универзитетот Пенсилванија е дека Најк, меѓу другите компании што нудат вакви производи, им продаваат „замислено чувство на инклузивност на муслиманските девојчиња кои често пати не го искусуваат ова во своите секојдневни животи.“ Нејзиното предупредување е дека ваквиот тип на „токенистичка инклузија“ може да го одвлече вниманието од сериозните дебати околу потребата на социјални реформи и да ги сведе муслиманите на пазарна цел.

За иранската новинарка и активистка Масих Алинеџад, соработката меѓу Лари и Најк е за поздрав затоа што му помага на муслиманското малцинство во САД, меѓутоа нејзиниот страв е дека ваквите потези би можеле да го нормализираат опресивното однесување на најразлични репресивни режими како на пример Иран.

„Ако сакаш да ја снема исламофобијата, мораш да осудиш секоја форма на опресија што се случува во име на Исламот. Иран не само што ги тера жените во земјата да носат хиџаб, туку истото важи и за сите меѓународни спортистки што сакаат да се натпреваруваат во мојата земја.

Затоа ова е глобално прашање. Тоа е причината зошто мислам дека треба да ја признаеш и другата страна - луѓето кои се присилени да носат.

Иранските власти сега велат, гледај дури и Американците почнаа да го носат. Најк го нормализира хиџабот, а сега Мател пушта во продажба и Хиџаб Барби. Нели им е ним јасно дека нашите власти го користат токму хиџабот за да ги опресираат нашите жени,“ објаснува Алинеџад.

Пораката на Алинеџад до сите муслиманки спортистки кои по свој избор ќе го носат хиџабот, е дека тие треба во исто време да си признаат дека самото тоа што се во позиција да имаат избор значи дека се привилегирани.

„Сакам да ги слушнам да кажат дека иако тие избрале да носат хиџаб, тие знаат дека милиони нивни сестри во некои муслимански држави се присилени да го носат.

Иранките добиваат удари во лице, завршуваат во затвор и се камшикувани затоа што одбиле да носат хиџаб. Тие спортистки што ќе го облечат треба експлицитно да кажат дека се борат за слободата на избор,“ порачува иранската новинарка, која моментално живее во САД.

За пакистанската дигачка на тегови, Куслум Абдула, ставот на Алинеџад не е спорен, меѓутоа не верува дека Најк „нормализира што било, бидејќи истата опрема е достапна на други места“. Она што нагласува Абдула е дека таа е израсната и живее во САД, па го нема истото искуство како Алинеџад и други жени во муслиманскиот свет:

„Тука сум израсната, и воспитана сум како муслиманка, меѓутоа никогаш не сум присилена да носам шамија.

Не е фер жените со сила да се тераат да ги носат.“

 

 

14 декември 2017 - 11:40