Во 80-тите години Роналд Реган имаше широка, шарена и влијателна поддршка за прекинување на оној профил на државата кој Маргарет Тачер го нарекуваше „држава дадилка“. Но, загреаноста за таа реформа бргу се олади: луѓето сфатија дека ги сакаат владините програми: за субвенции, пензии, даночни олеснувања, станбени позајмици, студентски кредити, а ги сакаа и чистата вода и воздух, безбедните работни места, стандардите кои им гарантираат сигурност на храната и лековите... сето она за што се грижеше таа „дадилка“. Луѓето просто само не ја сакаа самата влада,чиновниците кои ја претставуваат, институциите и целата таа државна организациона архитектура, главно бавна и главно неефикасна.
30-тина години по ред, државите работат на тоа да ја прекинат асоцијацијата меѓу државниот апарат и сервисите кои државата им ги дава на граѓаните. На тој начин се прави обид да се избегне општата перцепција за превработеност на администрацијата а истовремено тие сервиси и услуги да ја добијат посакуваната пазарна ефикасност, различна од онаа кога истите се алиментирани од службеници кои “работат државно“.
За жал, таа трансформација резултираше со многу поголем, даночно платен организам од порано. Приватните компании кои обавуваат некоја државна функција денес се бројат во милиони а приходите им се бројат во милијарди. Аутсорсираните денес водат затвори и центри за миграција, се јавуваат за неплатени обврски кон државата, преземаат обврски од здравството, од нив зависи транспортот, енергијата и стотици други функции.
Ваквото приватизирање и „маркетизација на бирократизацијата“ има и очигледни предности. Приватниот интерес на компаниите кои добиле државна задача секогаш ќе знае подобро да ги искористи ресурсите и да ја максимизира продуктивноста на вработените отколку што е тоа случај со тромавите државни менаџери. Многу функции кои преминале во атусорсинг почнале подобро и поефикасно да се изведуваат.
Но, не може до бескрај да се оди со претворање на државата во корпорација, предупредува професор Џон Мајклс од УКЛА, бидејќи се работи за различни организми. Од една страна државите се сложени механизми во кои се вградени различни интереси и вредности кои доаѓаат од цивилното општество. На тоа разногласие му требаат различни платформи и различен начин на доаѓање до одлуки.
Тој процес не е секогаш пазарно најефикасен и економски најоправдан, но затоа пак, е демократичен, плуралистичен, инклузивен и дебатен. Од друга страна, компаниите за своја врховна вредност го имаат профитот и неговот максимизирање.
Неговиот предлог за усогласување на овие две различни карми се враќа на старата добра поделба на власта. Да не постои еден хегемон, дури и кога тој доаѓа со лик на објективните и слепи пазарни механизми, туку да постои гарантирана „взаемна контрола“ меѓу разните, природно спротивставени центри на државна и политичка моќ.