- Израел нападна цели на Хезболах во Либан откако оваа проиранска милиција лансирала ракети кон израелски градови како одмазда за убиството на иранскиот ајатолах Али Хамнеи.
- Десетина експлозии утрово одекнале во квартот Дахије во Бејрут, каде што е главниот штаб на Хезболах. Напади имало и во долината Бека. Израел повика жители на 55 села и населби во јужен Либан да се евакуираат и да се повлечат најмалку 1 километар од базите на Хезболах.
- Либанското Министерство за здравство објави дека во денешните напади загинале повеќе од 30 луѓе. Владата го обвини раководството на Хезболах дека со едностраниот напад врз Израел го вовлекла Либан во војната.
- Израелските сили за безбедност вчера наредија итно распоредување на 100.000 резервисти покрај границата со Либан.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.