Корисник со псевдонимот „Magamyman“ заработил 553.000 долари, обложувајќи се на онлајн кладилницата Полимаркет дека ајатолахот ќе биде симнат од власт до 28 февруари. Смртта на Хамнеи беше потврдена вечерта. Шестмина сомнителни корисници, за кои се шпекулира дека биле инсајдери, неколку дена претходно вложиле вкупно 1,2 милиони долари дека САД најдоцна до 28 февруари ќе го нападнат Иран.
Полимаркет и кладилницата Калши, која исто така примаше облози за заминување на Хамнеи од власт, привлекле облози во сума од 54 милиони долари. По веста за смртта на ајатолахот, Калши веднаш ги запре кладбите и објави дека нема да исплати добивки, туку ќе ги врати влоговите.

Според американските закони, забрането е да се тргува врз основа на смрт и војна, бидејќи таквите облози нудат парична награда за насилство, човечко страдање и геополитичка нестабилност. За да се избегне ова ограничување, кладилниците отвориле можност за облози дека „Хамнеи повеќе нема да биде на власт“.
Ги исклучуваме облозите кога потенцијалниот исход вклучува смрт. Правилата се дизајнирани за да спречиме луѓе да профитираат од смртта, објави директорот Тарек Мансур.
Кладбите за Хамнеи во последните часови пред нападот отворија и сомневања за протекување на најстрого доверливи информации од Белата куќа и од Тел Авив, достапни само за највисоките раководства на САД и на Израел.

Слични сомневања имаше и во јануари, кога анонимен корисник вложил 34.000 долари и заработил 410.000 долари за облогот дека ќе биде соборен венецуелскиот лидер Николас Мадуро. Последната сума од 20.000 долари била вложена само 48 минути пред Трамп да нареди грабнување на Мадуро од Каракас, кога веројатноста за таква акција била 8%.
Белата куќа негираше дека лица од кругот околу претседателот Трамп имале врски со облозите. Но, Доналд Трамп Јуниор, синот на претседателот, е советник на Полимаркет и неговата фирма за ризичен капитал 1789 Capital инвестирала милиони во контроверзниот бизнис. Полимаркет е „офшор“ компанија и не мора да се придржува до обврските дефинирани од регулаторите во Вашингтон.
Лудо е што ова е легално. Луѓето околу Трамп профитираат од војна и смрт“ објави демократскиот сенатор Крис Марфи.
******
Види и: Интернетот се претвора во една огромна кладилница