Пред насловот во Њузвик „Рускиот хакер признава дека Путин нареди кражба на мејловите на Клинтон од Демократската партија“, на истиот сајт во мај годинава беше објавено “Руски хакер тврди дека истрагата на ФБИ околу мејловите на Клинтон вклучувала нудење готовина и државјанство во замена за признание.“
Во текстот од мај Њузвик објавува дека хакерот Евгениј Никулин во писмо до Currenttime.tv, пишува дека му било кажано „ќе мораш да признаеш дека си упаднал во инбоксот на Хилари за (претседателот Трамп) во корист на (рускиот претседател Владимир Путин).“
Договорот за Никулин, уапсен во Чешка, бил да се согласи на екстрадиција во САД, каде ќе бидат повлечени сите обвинувања против него, и ќе му бидат дадени пари, стан и американско државјанство.
„Мораш да кажеш да си упаднал во мејлот на Клинтон, дека си се подготвувал и си влегол во демократската мрежа и гласачките станици по наредба на Путин, ќе ги наведеш имињата на соработниците и ќе се согласиш на екстрадиција, и во Америка ќе ги решиме сите проблеми, ќе живееш во стан и ќе те обезбедиме со пари,“ пишува Никулин во својот текст.
Асошијетед прес во тоа време ја пренесува и изјавата на адвокатот на Никулин, според кого „на него му е понудено лажно да сведочи за соработката во нападот на Демократската партија.“
Инаку една од главните забелешки околу приказната со „Русите ги хакнаа изборите“ е дека целата се базира на извештај од приватната компанија Краудстрајк која Демократите ја ангажираат да ги испита нивните сервери откако дознаваат дека се хакнати.
Вашингтон пост во текст на темата хакирање од јуни 2016, пренесува изјава на самиот ко-основач на Краудстрајк, Дмитри Алперович, во врска со извештајот на неговата компанија:
„Краудстрајк не се сигурни како упаднале хакерите. Фирмата се сомнева дека тие може да таргетирале вработени на ДНЦ преку ’спиарфишинг’ мејлови. Ова се комуникации кои изгледаат легитимно - често пати изгледаат како да дошле од колега или некој што го познаваш - меѓутоа содржат линкови или атачменти кои кога ќе ги кликнеш инсталираат малициозен софтвер што овозможува хакери да добијат пристап до твојот компјутер. ’Ама ние немаме цврсти докази за ова,’ изјави Алперович.“