Годината кога хаосот стана стандард

Без разлика дали се рекордните пожари во Калифорнија, или 300 и кусур жртви во терористички напад во Египет, или Јемен каде се случува најголемата хуманитарна криза од Втората светска војна до денес, (или локално името, црквата, јазикот, историјата) годинава јавноста гледаше само да го пројде денот, не ни обрнувајќи внимание на целосниот распад што се случува околу нејзе.

Како што минатата година некако преќутно цел свет се разбравме дека целосната вина (брегзит, Трамп, мртви славни личности) ќе ја ставиме на плеќи на 2016, така имавме и меѓусебно споделено верување дека проблемите ќе завршат со нумеричката промена на тековната година.

Она што тогаш не го земавме предвид е дека работите што се случија во 2016 се симболични (гласање дали за брегзит или за Трамп), а дека 2017-та е кога тие ќе добијат на сила (повикување на член 50 и инаугурација)

„Затоа 2017 беше годината кога се навикнавме на неочекуваното. Во овие чудни и променливи времиња, најголемата промена се случи во самите нас: Колективно, ние се преадаптираме. Додека минатата година секој нов ужас го дочекувавме со вресоци и неверување, 2017 беше годината во која постепено се навикнавме на нашиот нов светски поредок.

Како што живеењето и растењето во град те навикнува на постојаното зуење на сообраќајот, така ние се ресетиравме и се аклиматизиравме на постојаните инциденти,“ пишува Ангус Харисон во текстот за Вајс.

Тој дава пример од летово кога во рок од две недели во Британија терористи убија седум луѓе во еден напад, британските конзервативци го изгубија очекуваното мнозинство на парламентарните избори, а во пожар на 24-катница во Лондон загинаа 71 лице.

„Постојано нишање од ужас (тероризам), до прослава (слабите резултати на конзервативците) и назад на ужас (пожарот), и тоа за време на петтиот најтопол јуни во историјата на Британија.

Годинава е невозможно да бидеш шокиран од сè, бидејќи сè се случува истовремено, и тешко е да бидеш гневен на нешто ако едвај имаш време да регистрираш дека се случува,“ објаснува Харисон.

Она во што 2017 е некако полесна од 2016, е што наспроти шоковите од минатата година, сега барем сме во постојана состојба на вонредни вести, кои во најдобар случај ги има само еднаш на ден.

„Ова не е нормализирање преку прифаќање; ние знаеме дека овие работи се ужасни. Не е дека не ни е гајле, туку расположението на 2017 покажува дека ние колективно имаме сфатено нешто што не успеавме да го сфатиме минатата година.

Во 2016 бевме доволно кратковиди за да се однесуваме како историјата да ќе биде оградена само во тие 12 месеци. Годинава, изгледа како да ни светна дека, всушност, работите има вака да бидат уште некое време, па подобро да се навикнеме на тоа,“ порачува Харисон.

 

 

14 декември 2017 - 13:53