Првичната паника околу странски нуклеарки над американското небо е од 1950-те, кога СССР развива интерконтинентални ракети и нуклеарки. Препознавајќи ја опасноста американските воени лидери почнуваат да работат на смирување на паниката на јавноста.
Првото големо решение е нешто што денес би се водело како „бункер за секој двор“. Програмата предвидува и изградба на масовни јавни скривници, субвенционирани од државата. Кога Конгресот и администрацијата на Ајзенхауер (подоцна и на Кенеди) ја добиваат про-фактурата, проектот е комплетно напуштен.
Наместо јавни скривници, новото креативно решение на стратезите на Пентагон е масовна евакуација на големите градови пред нуклеарен напад. Дури и површински прегледано решението има пропусти кои го прават речиси неупотребливо. Една од неговите основи е дека во случај на објавување на јавна тревога, за да не се прави гужва, први ќе се евакуираат автомобилите со регистрации со непарен број. Во меѓувреме тие што се со парен број смирено ќе чекаат спакувани на паркинг да им дојде ред. Уште една дупка во планот е што тој не предвидува каде овие луѓе ќе се евакуираат.
Во 60-те и 70-те години, наративот се врти кон технолошко решение и создавањето на анти-балистичките ракети, кои станаа „Светиот Грал на одбранбеното планирање на САД во изминатите 50 години.“
И покрај сите пари од американските војни буџети што се потрошени на ова, останува проблемот дека овие ракети не функционираат како што треба.
„Фундаменталниот проблем е дека проектилите и надоаѓачките нуклеарни ракети патуваат неколку пати побрзо од брзината на звукот. Замисли да се браниш од куршум така што ќе пробаш да испукаш куршум право во него, за да го сопреш. Е тоа се анти-балистичките ракети.
Денес, 50 години подоцна, САД поседуваат анти-балистичка технологија, која во најдобар случај би можела да се нарече несовршена. ТХААД (Terminal High Altitude Area Defense) како што директно кажува неговото име, е ефективна над ограничена област,“ пишува Ед Бурмила во Бафлер.
Проблемот што го нагласува Бурмила, е дека Трамп цело време додека се 'рчка со Северна Кореја труби дека САД се подготвени за ракетна одбрана (без разлика колку и да не е точно тоа), притоа заборавајќи дека најголемиот дел на жртви од неговите твитови ќе паднат во Јужна Кореја и Јапонија, каде „милиони ќе загинат.“
„Ова ќе беше сериозен проблем кога претседателот или неговата база на политичка поддршка барем малку ги вреднуваше не-американските, не-белите животи.
Сеул (со популација од 10 милиони) лежи на помалку од 80 километри од демилитаризираната зона, а 20-те минути кои Северна Кореа ги има меѓу откривањето на американски напад и разрушувањето на Пјонгјанг, се повеќе од доволни за јужнокорејската престолнина да биде срамнета со земја.
Американците имаат технолошки фантазии за да се осигураат дека нуклеарното оружје не може да ни наштети, иако речиси сигурно може. Јужнокорејците немаат таков луксуз,“ објаснува Бурмила.