Откако по социјалните мрежи на почетокот на октомври се појавиле првите фотографии како кучиња со сино крзно шетаат по пустелијата околу нуклеарната централа Чернобил, брзо се проширија разни теории дека биле под дејство на зрачењето, па дека и самите се радиоактивни поради брзи генетски промени.
Одговорот, всушност е поедноставен и погнасен. Најверојатниот виновник за промената на бојата на крзното е навиката на кучињата да се валкаат во било што смрдливо. Сина боја била забележана во старо полско ВЦ.
Се чини дека се тркалале во супстанца која притоа им се залепила на крзното. Се сомневаме дека супстанцата потекнува од мобилен тоалет, но сè уште не сме во можност целосно да ги потврдиме нашите сомневања, вели ветеринарката Џенифер Бец од организацијата „Кучиња од Чернобил“ која се грижи за дивите чопори во забранетата зона.
Организацијата потврди дека фотографиите се автентични. На 6 октомври биле снимени најмалку три сини кучиња. Во тек е потрага по нив, за да бидат темелно прегледани, измиени и стерилизирани.
Бец објаснува дека не е можно изложеност на радијација за толку кратко време да предизвика генетски промени што би се одразиле со сериозни промени на физичките особини.
Кучињата изгледаат здрави, како и сите други во Чернобил. Сè додека не лижат голем дел од сината супстанца на крзното, за нив тоа е безопасно, вели Бец.
Ова не е прв случај на кучиња со невообичаена боја на крзно на просторите на поранешен СССР. Во 2021 година низ Џержинск во Русија шетале кучиња со светлосино крзно. Беше утврдено дека се валкале во бакарен сулфат што истекол во напуштена хемиска фабрика.
Следењето на кучињата и на другите животни во забранетата зона околу Чернобил е многу важно за науката, за да се откријат ефектите од долг престој во озрачена средина. По нуклеарната катастрофа во април 1986 година, околу 120.000 луѓе од гратчето Припјат и околината итно беа евакуирани. Многумина од нив ги оставија своите миленици, од кои повеќето преживеаја, се размножуваа, па дури и напредуваа во опасни услови.
Без влијание од луѓе, многу животински видови напредуваа и ја зголемија популацијата во забранетата зона. Во регионот има голем број диви свињи, црвени лисици, ракуни и песнопојни птици. Највпечатливи се волците, за кои е утврдено дека развиле мутации што ги штитат од појава на рак како последица на радијацијата.
Од 2017 година, организацијата „Кучиња од Чернобил“ стерилизирала повеќе од 1.000 мачки и кучиња. Неодамнешно истражување покажа дека кучињата од Чернобил, по 30 генерации имаат побрзи генетски мутации во споредба со нивните роднини од околината. Ниту една од мутациите не била предизвикана од зрачењето, туку биле поттикнати од организмот заради полесно прилагодување на екстремни услови.

*****
Види и: Кучињата од Чернобил побрзо мутираат, ама не поради радијација
Волците од Чернобил се станати отпорни на рак