Климата добива моќен сојузник а тоа не е капитализмот

Не можеме да зборуваме за климатските промени без да чепнеме во суштината на економскиот систем кој нè доведе до оваа точка, пишува Салон потсетувајќи на тезата на Наоми Клајн дека се работи за „војна на капитализмот против планетата“. Еден од највлијателните луѓе во оваа област од Запад тврди дека само Кина има воља да ја зачисти планетава. 

Доста жилави се оние контраши кои велат дека е обичен мит тврдењето дека климатските промени предизвикани од човекот стојат зад последните природни злотвори како Харви и Ирма.

На пример, данскиот автор Бјорн Ломборг го твитна следниов графикон:

Или климатологот Роџер Пилке кој врз податоците од една студија од 2012 година извлече заклучок дека не постојат никакви нагорни трендови во глобалните тропски циклони:

Сепак, на планетава се шири консензусот дека а) постојат климатски промени и б) во нив прсти има вмешано човекот па следствено в) човекот и треба да најде начин да ја врати планетата во рамнотежа. 

Но, тоа е полесниот дел од дискусијата.

„После Харви и Ирма имаме морална обврска да зборуваме не само за климата туку и за економскиот систем кој нè доведе до оваа точка. Не можеме да се конфронтираме со климатските промени а да не проговориме за капитализмот, системот кој истури ѓубре врз оваа планета и во суштината му е да ги кочи напорите за решавање на овие проблеми“, пишува Конор Линч во Салон.

Тоа нè навраќа на тезите на Наоми Клајн во делото „Климата против капитализмот“ 2014 во кое авторката убедливо аргументира дека без радикални промени на економскиот систем не се можни неопходните промени за преживување на човештвото.

Поедноставено, капитализмот е економски систем кој ги приоретизира краткотрајните профити на поединецот пред долгорочната добробит на заедницата, ерго планетата. На тој начин создава една егоцентрична миопија која често пати има катастрофални последици. Истовремено, капитализмот е и систем кој е поставен како желба за бесконечен раст, но таков раст е неодржив бидејќи често се темели на конечни, односно ограничени ресурси со кои располага Земјава.

Запад се труди но без оглед на глобалните иницијативи, тој останува фундаментално фрагментарен, меѓу другото и заради капиталистичкиот фетиш на сопствениот интерес. Но затоа Кина не е таква. Тоа е една централизирана империја која е таква неколку илјади години и планира да направи услови да преживее барем уште неколку илјади. 

Тоа го вели еколошкиот правник Џејмс Торнтон кој од Њу Стејтмент беше назначен како еден од десетте луѓе кои би можеле да го променат светов. Тонтон има адвокатска фирма од стотина луѓе, негова работа е да тужи држави и корпорации кои загадуваат а единствен клиент му е - Земјата. Во четири децении судски спорови на три континенти досега нема изгубено ниеден случај.

Тој тврди дека моментално најголемиот загадувач, Кина, истовремено го има најсеопфатниот и најдобриот систем за справување со еколошките предизвици. Кинезите се дојдени до сознанието дека после аграрната и технолошката, време е да се создаваат услови за следната - еколошка цивилизација. И тоа го преточуваат во сериозен систем во кој најспособните луѓе од сите области работат на разработување на секој детал од тој мозаик.  

И тој на почетокот мислел дека кинеските напори се реторички но колку повеќе се запознавал со актуелната ситуација станувало јасно дека Кинезите навистина се решени да изградат еколошки одржлив систем на државата. Тие можеби се бавни но кога еднаш ќе дојдат до сознанието дека постои проблем, седнуваат и посветено работат на наоѓање решение. Помага и тоа што во влијателните конески политбироа има повеќе инженери а не толку многу правници и општи експерти како на Запад.

„Кинезите ангажираа стотици од нивните најврвни интелектуалци за да го дизајнираат само теоретскиот нацрт на новата цивилизација. А потоа стотици и стотици други интелектуалци и професионалци кои ги разработуваат економските, индустриските, земјоделските и другите компоненти на еколошката цивилизација“, сведочи Торнтон кој 18 месеци им помагал на Кинезите околу правната рамка на проектот. 

Вели дека со децении бил резигниран и депресивен околу еколошките проблеми но дека во последно време кај него се раѓа оптимизам.

Патем, еден од најистрајните поддржувачи на Торнтоновиот проект „Клиент Земја“ е легендарниот музичар, продуцент и уметник Брајан Ино.

 

10 септември 2017 - 10:49