Кучињата од Чернобил побрзо мутираат, ама не поради радијација

Научниците не се изненадени од откритието дека кучињата што останале да живеат околу стопените реактори на нуклеарната централа Чернобил еволуираат побрзо од сродните. Но не очекувале дека генетските мутации не се директна последица на радијацијата. По 30 генерации, кучињата од Чернобил се прилагодиле на озрачена околина, а и не им пречи отсуството на човекот.

Со студијата на американски генетичари биле опфатени 302 диви кучиња што живеат во забранетата зона (ЧЕЗ) околу остатоците од нуклеарната централа во Чернобил, која пукна во 1986 година и ослободи огромни дози радијација. Генетските примероци биле споредени со други кучиња што живеат во безбедни зони десетици километри подалеку.

Новата генетска анализа ги разгледала хромозомското ниво, нивото на геномот, па дури и нуклеотидите на кучињата од Чернобил, и не пронајде абнормалности што укажуваат на мутација предизвикана од зрачење.

Иако оваа популација на кучиња е оддалечена 30 или повеќе генерации од онаа што била присутна за време на катастрофата во 1986 година, не пронајдовме никакви докази за мутации што на овие кучиња би им дале предност за преживување во споредба со другите, изјави Метју Брин, виш автор на студијата од Универзитетот на Северна Каролина.

Речиси четири децении по хаваријата на луѓето пристапот во зоната е строго забранет, но радијацијата не ја уништила фауната. Напротив, разни популации на животни се развиваат незагрозени од човековото присуство. Тие се богатство за биолозите и генетичарите кои настојуваат да ги утврдат последиците од радијацијата врз живиот свет. 

Досегашни испитувања откриле мутации кај бактерии, глодари, птици и вид на жаби, кои пред хаваријата биле зелени, а сега се црни. Биолозите тврдат дека генетските мутации го зголемиле лачењето на меланин за да се неутрализира зрачењето. Не и кај кучињата, главно потомци на домашни миленици што останале во зоната по итната евакуација на населението.

11 јуни 2025 - 09:27