Често oпишуван како „дедо на рускиот рокенрол", БГ, како што скратено го нарекуваат, во седумдесетите почнал да го комбинира американскиот рок со руската книжевна традиција, и да настапува со неговиот бенд Аквариум низ земјата, на концерти кои повеќе личеле на театарски претстави. Првите неколку години главно пиеле евтино вино и патувале на свирки со товарни возови, но нивните стихови веќе почнале да привлекуваат внимание заради необичниот хумор, ерудицијата и интересот за ориенталниот мистицизам (една од нивните песни од овој период се вика Менует за земјоделецот).
Првиот вистински успех се случил во 1980 кога Артемиј Троицки, првиот руски рок критичар и поддржувач на голем број алтернативни руски музичари, го поканил бендот на фестивалот во Тбилиси, кој бил државен обид да се канализира растечкото рок движење во Русија во идеолошко средство кое може да се контролира. Во следните десет години, до перестројката, Аквариум направил 11 албуми, кои станале неверојатно популарни, што заради нивниот квалитет, што заради тоа што Русите и немале голем избор во недостаток на западна музика.
Вториот пресврт се случил кога БГ стапил во контакт со Дејв Стујард од Јуритмикс. Тој го продуцирал „Радио тишина", на кој со вокали помогнале и Ени Ленокс и Криси Ханјд од Притендерс. Сепак, насловот излегол ироничен, бидејќи Американците не биле баш подготвени за поетската сложеност на стиховите на Гребеншиков (што е двојно иронично, со оглед на тоа што сосема подготвено ги голтале оние на Дилан). БГ се враќа во Русија и на неговите руски корени, но истовремено преведува неколку будистички и хиндуистички текстови на руски. Досега има направено над 500 песни, 21 официјален албум (што со бендот, што сам) и 12 „неофицијални". Меѓу нив има и еден целосно посветен на Булат Окуџава.
И покрај мислењето дека андерграунд рок сцената во СССР помогнала за распадот на советскиот режим, Гребеншиков до сега ретко изразувал политички ставови, и јавно и во песните. Но на најновиот албум „Сол" тој нуди мрачен поглед на современа Русија, вклучително и конфликтот со Украина. Токму со овој албум деновиве гостува во САД, каде на неговите концерти доаѓаат главно Руси. Њусвик по тој повод направи интервју со него, во кое тој вели:
„Бев нарекуван секако - руски Боб Дилан, руски Дејвид Боуви, руски Клеш...Но сето тоа води во погрешна насока. Она што е заедничко меѓу мене и Дилан е што двајцата градиме мостови. Дилан го изгради мостот помеѓу американската традиционална култура и поп културата, меѓу фолкот и рокенролот. Јас се обидував да изградам мост помеѓу западната култура и Русија. Брендирањето е плитка работа: луѓето така не добиваат вистинска идеја за музиката".
Песна со наслов „Наебали" - не разбравме баш сè, ама и ова е доволно
Во дует со Ени Ленокс
Целиот албум посветен на Окуџава