Бета-блокатори може да бидат фатални

Бета-блокаторите кои вообичаено се препишуваат како терапија по срцев удар, а се користат и за третирање на анксиозност, кај некои жени може да предизвикаат несакани последици опасни по живот. Нова студија покажа дека лекот нема речиси никаква корист за луѓето кои се опоравуваат од кардиоваскуларни заболувања, а кај некои пациенти може да им го повтори срцевиот удар.

Истражувањето објавено во European Heart Journal, покажува дека жените кои при срцев удар претрпеле помала штета, по третманот со бета-блокатори имале поголема веројатност да доживеат уште еден срцев удар, да треба да бидат згрижени во болница или да претрпат срцева слабост.

Ова отвора сериозни прашања за безбедноста и корисноста на бета-блокаторите, чие препишување со децении е вообичаена медицинска пракса, и ја истакнува потребата да им бидат дадени нови упатства на лекарите.

Не откривме никаква корист од употребата на бета-блокатори кај мажи или жени со зачувана срцева функција по срцев удар и покрај тоа што ова важи за стандардна нега околу 40 години. Нашите наоди треба да покренат нови дефинирања на сите меѓународни клинички упатства за употреба на бета-блокатори кај мажи и жени и конечно треба да поттикнат специфичен пристап кон третманот на кардиоваскуларни заболувања врз основа на полот, забележува Валентин Фустер, генерален директор на Националниот центар за кардиоваскуларни истражувања во Мадрид.

Ова не е прв пат да се откријат проблеми со несакани ефекти на бета-блокаторите. Во претходни истражувања биле забележани последици како гадење, замор и сексуална дисфункција кај пациентите.

По срцев удар, на пациентите обично им се препишуваат повеќе лекови. Бета-блокаторите беа додадени на стандардниот третман рано по откривањето на нивното дејство, бидејќи во тоа време значително ја намалуваа смртноста во тоа време. Нивните придобивки беа поврзани со намалена побарувачка за кислород на срцето и превенција од аритмии. Но, терапиите еволуираа. Денес, запушените коронарни артерии се отвораат брзо и систематски, драстично намалувајќи го ризикот од сериозни компликации како што се аритмиите.

Иако често тестираме нови лекови, многу се ретки случаите на ригорозни преиспитувања на воспоставените постари третмани, забележува докторот Борха Ибањез, коавтор на студијата.

30 октомври 2025 - 12:39