Што можело да тргне наопаку кога повеќе од 300 студенти од богати семејства тргнале на пат околу светот на набрзинка адаптиран воен брод, но не туристички туку на „студии на вода“? Ова е сижето на проект кој требало да докаже дека патувањето може да биде исто толку поучно колку и универзитетско образование.
„Пловечкиот универзитет“ бил идеја на Џејс. Е. Лоу (James E. Lough), професор по психологија на Њујоршкиот универзитет. Тој верувал дека се потребни промени во традиционалните начини на пренесување знаење на американските универзитети, а дека патувањето низ светот со брод не само што од младите луѓе би направило подобри граѓани, туку дека тоа би претставувало модел за одговорно и продуктивно образование во тешкиот период по Првата светска војна. Првичната идеја, самиот универзитет да го поддржи проектот, пропаднале откако бројот на пријавени студенти бил премногу мал, па целата работа е привремено откажана.
Но и покрај првичниот неуспех, Лоу продолжил со подготовки на патувањето, изнајмувајќи го за таа цел воениот брод Риндам, кој отпловил од Њу Џерси на 18 септември 1926. На него имало 594 студенти и 63 наставници и администрација. Бидејќи програмата веќе не била спонзорирана од едно единствено училиште, повеќе факултети и универзитети се приклучиле на идејата, па оттаму и големиот број пријавени.
Студентите претставувале ни повеќе ни помалку туку 143 факултети од 40 американски држави, како и од Канада, Куба и Хаваи. Во текот на седум и пол месечното патување биле посетени 35 земји и повеќе од 90 градови, вклучително Шангај, Хонг Конг, Манила, Бангкок, Бомбај, Венеција, Лисабон и Осло.
Пред да се отиснат од копното, Лу се обидел да ја опише својата визија: „Ова нема да биде само тура за разгледување знаменитости, туку факултетска година исполнета со образовно патување и систематско проучување кое треба да го поттикне интересот за нештата во светот, да ги обучи студентите да мислат во светски термини и да го зајакне меѓународното разбирање и добрата волја“. Кога пристигнале дома а и години подоцна, кога повторно се собрале во 1976, студентите го опишувале патувањето како „најголемото образовно искуство на нивните животи“. Не е ни чудо, ако се земе предвид дека на нивниот пат тие имале средби и со видни личности, од Мусолини преку кралот на Сијам и папата Пие 11-ти до Ганди.
Од аспект на студентите нештата можеби биле совршени, но медиумите и локалците не гледале со подеднакви симпатии на толпата разуздани младинци. Тие известувале за „Студенти-поморци кои ја шокираат Јапонија со своите алкохолни оргии со рум“ или за тоа дека педагошките насоки паѓале во вода пред искушенијата на париските кафеа. Еден весник на холандски објавил текст под наслов „Пловечкиот универзитет нема да го посети Куракао - фала богу“.
Целата приказна е раскажана во нова книга под наслов „Пловечкиот универзитет: искуство, империја и политика на знаење“ од Темсон Пич (Tamson Pietsch). Таа долго време ќе претставува црно петно во американската академска заедница но и пошироко. Американскиот амбасадор во Јапонија, на пример, забележал дека арогантното и недисциплинирано однесување на студентите „направиле повеќе за да ги уништат врските помеѓу двете земји отколку што и да е друго во последните 15 години“.
И покрај негативните страни, Пловечкиот универзитет поттикнува прашања за природата на високото образование и изворите од кои тоа ја црпи својата моќ - меѓу другото и од зградите-институции (предавалните, библиотеките) кои се сфатени како локации каде на студентите им е овозможен уникатен пристап до вистината на нивните професори. Лоу сметал дека образованието нема граници, и дека учењето преку дејствување е подобро отколку само напојување со мудрост од академијата. Можеби целиот негативен публицитет всушност бил диригиран од оние кои сакале да обезбедат дека никому нема веќе да му паднат на ум вакви креативни идеи.