Во САД постои влијателен дел од евангелистичкото христијанство кој силно верува дека светот се движи кон библиската Апокалипса. Според ова толкување на Библијата, пред враќањето на Исус треба да се случат големи војни, катастрофи и страдања, особено на Блискиот Исток. Поради тоа, некои верници ги гледаат конфликтите во регионот – како војната меѓу Израел и Хамас – не како трагедија, туку и како „знак дека се исполнуваат пророштвата“.
Во својата книга „Дива вера: како христијанската десница ја презема Америка“ (2024, извадок тука), авторката Талија Лавин тврди дека овој начин на размислување е тесно поврзан со т.н. „христијански ционизам“. Бројни американски евангелисти веруваат дека постоењето и зајакнувањето на државата Израел е клучен чекор во божјиот план за крајот на светот. Поради тоа тие активно го поддржуваат Израел – политички, финансиски и преку лобирање во американската политика.
Некои од највлијателните организации и проповедници во ова движење имаат милиони следбеници и значително влијание врз конзервативната политика во САД. Тие често тврдат дека иднината ќе донесе голема војна на Блискиот Исток, позната како Армагедон, по која Христос ќе се врати и ќе започне илјадагодишно божјо владеење.
Во рамките на оваа визија се појавуваат и необични религиозни проекти. На пример, со децении се прават обиди да се одгледа „црвена јуница“ – животно кое, според старозаветните ритуали, би било потребно за обновување на храмот во Ерусалим. За дел од верниците, токму тоа би било уште еден чекор кон исполнување на пророштвата.
Овие идеи не се „откачени“ и маргинални. Истражувања покажуваат дека значителен дел од американските евангелисти веруваат дека современите светски настани – од војни до пандемии – се знаци дека крајот на светот е близу. Популарната култура во евангелистичките кругови, како серијата романи Left Behind (тн. христијански „думсдеј жанр“), дополнително ја проширила оваа апокалиптична визија.
Критичарите предупредуваат дека ваквиот поглед на историјата може да има реални политички последици. Ако конфликтите се гледаат како дел од божји план, тогаш тие понекогаш се прифаќаат или дури и се поттикнуваат, наместо да се спречат. Во таков светоглед, трагедиите на сегашноста стануваат чекори кон посакуваната апокалипса. За оние кои не ја делат оваа вера, целата приказна изгледа поинаку: како пример како религиозните визии за крајот на светот можат да влијаат врз реалната политика и врз животите на милиони луѓе денес.