Лекарката што не молчеше - вистинската приказна зад серијата „Оловните деца“

Полската серија достапна на Нетфликс е драма што лесно може да се изгледа во еден здив, но поради тежината на темата и вистинската приказна на која се темели, можеби е подобро да се гледа во неколку наврати. Шесте епизоди се инспирирани од вистински настани од 1970-тите години во индустрискиот регион Горна Шлезија, во тогашна комунистичка Полска.

Серијата „Оловните деца“ ја следи приказната на младата и посветена лекарка Јоланта Вадовска-Крол, распоредена да работи во мал индустриски град, каде што металуршката фабрика доминира над секојдневниот живот. Кога сè повеќе деца почнуваат да покажуваат сериозни здравствени проблеми и потешкотии во развојот, таа забележува дека нешто не е во ред и започнува сопствено истражување.

Наскоро открива дека децата што живеат во близина на фабриката страдаат од последиците на силно загадување – особено од труење со олово. Додека се обидува да ја разбере вистинската пропорција на проблемот, таа се соочува со отпор од локалните власти, кои повеќе се грижат за политичкиот имиџ и за важните официјални посети отколку за здравјето на населението - позната приказна која сме ја гледале на филм и во други контексти и времиња. Но дополнителен проблем е и незнаењето на локалното население односно на вработените во фабриката кои не сакаат да го загубат и тоа поцрнето парче леб што го вадат од неа. 

Приказната се темели на вистински настани од полскиот град Катовице, каде што во населбата Шопјенице многу деца се разболеле поради загадувањето од металуршкиот комбинат. Вистинската педијатарка Вадовска-Крол забележала необично голем број случаи на анемија и други болести кај своите мали пациенти. Таа почнала систематски да ги прегледува децата – илјадници од нив – и на крајот успеала да покаже дека причината е загадувањето од фабриката.

Серијата ја раскажува оваа приказна како драматична борба на една личност против системот. Сценариото додава ликови и драмски елементи, како „живописни“ тајни агенти на службите, семејството на самата докторка, комшии и вработени во фабриката. Сето ова во комбинација со атмосферата и историскиот контекст на 1970-тите, особено врските СССР-Полска. Чепнат е и академскиот контекст, бидејќи и покрај пријавениот докторат кој ги вклучува наодите од истрагата, комисијата (па дури и менторката!) на самата одбрана заклучува дека станува збор за „недоквакан“ текст кој не заслужува толку високи почести. Секако, сето тоа низ подзамижан „ситечки“ поглед и чад од испуфканите цигари кои веројатно намерно доминираат низ целата серија (се пуши во болницата, канцелариите), асоцирајќи на издувните чадови на самата фабрика. 

Тонот на серијата е мрачен и тежок (фабриката изгледа ко од Мордор), што е разбирливо ако се има предвид темата. Но, како што изјавила актерката Јоана Кулиг која одлично ја игра докторката, оваа серија зборува за отпорот кон промените и за силата што човек мора да ја пронајде во себе за да му се спротивстави. „Во ликот на Јола пред сè видов чесност, огромна храброст, упорност и бескомпромисност,“ вели таа, додавајќи дека приказната неизбежно го поставува прашањето: дали ние би имале доволно сила сами да застанеме против системот?

7 март 2026 - 09:56