Откривањето нов вид цицач е ретка појава. Kога во 2013 беше обзнането постоењето на олингито (Bassaricyon neblina), тоа предизвика големо внимание бидејќи тоа беше првиот нов месојаден цицач опишан во Америка по 35 години. Уште поретко е откривањето нов род – таксономска категорија која опфаќа повеќе видови и се наоѓа едно ниво над видот во системот на класификација создаден од Карл Лине. Во светот има околу 1.300 родови цицачи, па нов род се открива само неколку пати годишно.
Токму такво откритие неодамна направиле авторите на истражувањето спроведено во Индонезиска Папуа, каде што опишале нов род на мал летачки опосум.
Приказната започнала со една фотографија. Во 2015 година работник на плантажа во западниот дел на островот Нова Гвинеја фотографирал необично животно што живеело на дрвјата. Фотографијата била дел од проект за „граѓанска наука“, во кој работниците биле замолени да фотографираат или да снимаат звуци од диви животни што ќе ги сретнат.
Животното било кафеаво, со големи очи и густо крзно, а имало и кожна мембрана што му овозможува да се префрлува од дрво на дрво, како и опашка што може да се користи за фаќање гранки. На прв поглед наликувало на австралиски летачки опосум, но имало и јасни разлики.
Кога научниците ги анализирале фотографиите, забележале дека животното многу личи на еден опосум познат само од неколку фосилни коски, наречен Petauroides ayamaruensis. Тие фосили биле пронајдени пред децении во археолошки локалитети во Папуа и Папуа Нова Гвинеја. Се сметало дека оваа линија на летачки опосуми исчезнала пред околу 6.000 години.
Фотографијата, меѓутоа, сугерирала дека животното сè уште постои – пример за таканаречен „Лазаров вид“, односно вид што се сметал за исчезнат, а подоцна повторно се појавува. Познат пример за такво „воскреснување“ е рибата келакант, која научниците мислеле дека исчезнала пред 66 милиони години, сè додека не била повторно откриена во 1938 година.
За да потврдат што точно гледаат, истражувачите ги споредиле фотографиите со фосилни заби и други фосилизирани остатоци. Забите кај цицачите се особено важни за разликување на видовите, па анализата покажала дека станува збор за истото животно. Во истражувањето им помогнало и знаењето на локалните домородни заедници, кои отсекогаш го познавале ова животно и го сметале за посебно. Тие го нарекуваат „тус“, што е локален назив за ова шумско суштество.
Врз основа на сите докази, научниците заклучиле дека животното е доволно различно за да се класифицира во сосема нов род. Тоа значи дека станува збор за еволутивна линија што се одделила од другите родови пред милиони години. Се смета дека некогаш вакви опосуми биле распространети од Австралија до Нова Гвинеја, а денес преживуваат само во мал дел од папуанските шуми.
Но ова откритие носи и сериозна загриженост. Точната локација каде што е направена фотографијата намерно не е објавена, бидејќи животното – со своите големи очи, меко крзно и симпатичен изглед – би можело да стане цел на нелегалната трговија со диви животни. Покрај тоа, шумите во регионот се под сè поголем притисок од сеча и проширување на земјоделството. Според локалните жители, овие животни живеат во парови, се моногамни и обично имаат само едно младенче годишно, што значи дека нивната популација тешко се обновува.
Затоа заштитата на овој нов род ќе биде предизвик. Научниците нагласуваат дека откритието не би било можно без знаењето на локалните заедници, кои со генерации го познаваат ова животно. Ако зачувувањето на природата се темели на таквото локално знаење и ако заедниците имаат корист од заштитата на дивиот свет, тогаш тус има шанса да има и иднина, а не само далечно еволутивно минато.
извор