Во 1592 писателот и критичар Роберт Грин го обвинил тогашниот драматург во подем, Вилијам Шекспир, за плагијаторство, нарекувајќи го „арогантна чавка“, скороевич кој се кити со туѓи перја. Токму овој „ласкав“ епитет е наслов на мини-серија во шест продолженија на Би-би-си 2, која го прикажува Бардот на почетокот од неговата исклучителна кариера, но не како книжевен гениј, туку повеќе како мешавина од неуспешен родител и не-толку-самоуверен писател, чиј најголем „талент“ е логореата - употребата на десет зборови за нешто што може да се каже и со еден. Накратко, не како гениј туку како...арогантна чавка.
Ако Црна гуја го имаше Болдрик, Вил го има Ботом, малку подостоинствен но сепак доволно глуп лик, кој не дава ни пет пари за обилно метафоричниот јазик на неговиот претпоставен. Ист третман Шекспир добива и од неговото сопствено семејство - ќерката Сузана е длабоко загазена во тинејџерска бунтовност кон авторитетите (особено кон често отсутниот татко), дедото - таткото на Вил - е зајадливо старо дртало, а единствена која му го држи грбот, иако навидум простичка, е жена му Ен, која е полна мудри совети (ништо чудно кога се знае дека кога се зеле тој имал 18, а таа 26 години), па дури и со ненамерни иако крајно релевантни совети за неговите дела. А Шекспир е во постојано движење помеѓу двата света - театарскиот во Лондон, и семејниот во Стратфорд на Ејвон, и во двата соочувајќи се со големи предизвици.
Голем дел од содржината на епизодите се всушност мета-содржини на неговите драми - од првата во која се одвива пародична верзија на „Ромео и Јулија“, па преку „Магбет“, „Венецијанскиот трговец“ и „Ноќ спроти Водици“, чии референци се појавуваат во останатите. Но и покрај тоа што серијата е базирана на опсежно истражување и на делата и на приватниот живот на Шекспир, и иако е со сценографија и во костими кои би требало да го одразат доцниот 16 век, таа со јасна острица го коментира современото општество.
Во една таква „зборам ти 16ти-сети се 21-ви веку“ сцени, Вилијам планира да пишува драма во која главниот злобник треба да биде Евреин. Неговата пријателка Кејт се обидува да му сврти внимание дека можеби ваквиот лик ќе биде толкуван како одраз на неговите анти-семитистички ставови (што е всушност случај и ден денес, со ликот на алчниот и суров Шајлок од „Венецијанскиот трговец“). На тоа Шекспир одговара нешто во стилот на: „Ама ти не разбираш. Јас му пристапувам слоевито. Иронично. Пост-ренесансно“, критикувајќи ги обидите на современите (пост-модерни?) автори да ги релативизираат моралните ставови, сведувајќи сè на некаква интелектуална игра.
Истото се случува и кога тој се лути што неговите деца секогаш очекуваат благца кога доаѓа дома во Стратфорд. „Какво време дојде, уште малку младиве ќе се навикнат да јадат шеќер почесто од еднаш месечно“. Но тој сепак има надеж во нивната интелектуална иднина - со подемот на издаваштвото, вели тој, тие (младите) ќе ги имаат неговите сонети секогаш при рака.
„Ги гледаш собрани на куп околу книга со песни напишани во јамбски пентаметар, занесени како зомбија. Тргнете се од тоа книгите со сонети, се лутат родителите. Ќе развиете зависност!“, утописки предвидува тој.
Особено забавни се вербалните размени меѓу Шекспир и неговиот, во серијата, архи-непријател, спомнатиот критичар Грин. Хејтање какво може да се посака во денешните книжевни кругови, тоа е на ниво на високо-интелектуално (цитат од серијата) „бич-слепинг“, чии нијианси може да не се доразберат дури и да сте роден Англичанец. И штета што (засега) серијата има само шест епизоди, затоа што само што се навлековме на вербалните акробации на кои им се немавме насладувано уште од „Црна гуја“, таа заврши. Да се снима втора сезона, или да не се сними? Ние сме, исто како и со она „да се биде или не?“ - за!