На 9 јули 1981 Џек Хенри Абот, ослободен од затвор само еден месец претходно, каде лежел за убиство, славел за излегувањето на неговата прва книга. „Во утробата на ѕверот“ се состоела од писма кои го опишувале ужасот на затвореничкиот живот, а кои Абот од ќелијата му ги испраќал на двојниот добитник на Пулицер, Норман Мејлер. Овој пак, бидејќи Абот со писмата го инспирирал за пишување на неговата книга „Песната на егзекуторот“, му помогнал да излезе побргу од затвор. Но помалку од два месеци на слобода, Абот повторно убил. Јавноста го обвинила Мејлер дека сноси одговорност за она што се случило, па дури и дека истото го поттикнал.
Врската помеѓу писателите и нивните ликови знае да биде контроверзна, кога тие се современици, а особено кога вториве се докажани криминалци. За ова веќе пишувавме во освртот кон „Ладнокрвно убиство“ на Труман Капоти и интервјуто со преведувачката. Тоа што слична приказна во која авторот црпи инспирација од убијци за неговото дело (буквално) да има крв и месо е поврзана со Норман Мејлер веројатно не е случајно. Тој, заедно со Капоти, Џоан Дидион, Хантер С. Томпсон и Том Волф се смета за иноватор на тн. „креативна документаристика“ или „ново новинарство“ (тука), кое ги користи средствата на книжевноста додека нарацијата ја базира на факти. Заради ваквата стилска определба, повеќето од наведените за нивни ликови барале „субјекти“ од реалноста, за од нивните судбини да се инспирираат и на некој начин книжевно да се огребат.
„Песната на егзекуторот“ која на Мејлер му има донесено Пулицер, на повеќе од илјада страници раскажува за животот, злосторствата, затворањето и егзекуцијата со стрелање на Гери Гилмор, првиот човек кој бил осуден на смрт по една деценија мораториум на смртната казна. Немал многу време да ја напише (само петнаесет месеци) и знаел дека ќе му биде потребна многу помош. Така, кога затвореник по име Џек Хенри Абот почнал да му праќа анегдоти од државниот затвор во Ута во врска со Гери Гилмор (кого го познавал од друг затвор), Мејлер како да добил на лото.
„Вашите писма осветлија ќошиња од книгата кои самиот никогаш немаше да ги сфатам само со мојот инстинкт кој не се потпира на искуство“, му пишал Мејлер на Абот во една прилика. Тој не само што му се заблагодарил во самата книга, туку притиснал и писмата да бидат објавени во престижното списание Њујорк Ривју оф Букс, а подоцна и во форма на книга.
Името на Мејлер им оставило впечаток на судиите кои решавале за скратување на казната на Абот, особено откако славниот писател ветил дека ќе го вработи како негов асистент. Тој е ослободен во јуни 1981, за веќе на 18 јули во пијанство да го убие Ричард Ејдан, глумец и писател.
Сега нова книга на Џером Лавинг, под наслов „Џек и Норман“, ја опишува историјата на случајот, концентрирајќи се на фасцинацијата на Мејлер и другите членови на книжевната интелигенција од фактот дека Абот „умеел со зборови“. Оној кој убаво пишува мора да е и разумен човек, била нивната логика, која се покажала фатално погрешна. Откако еднаш станал цивил, Абот престанал да биде книжевно чудо - тој можел да се дефинира себеси само во однос на системот на којшто до тогаш припаѓал, но немал алатки преку кои би се дефинирал како слободен човек. Искористен за туѓи амбиции (и обратно, користејќи ги туѓите амбиции за да привлече внимание) тој многу бргу сфатил дека кога приказната со неговата книга и онаа на Мајлер ќе спласне веќе нема да има на што да се потпре. Новото убиство го вратило таму кадешто се чувствувал посигурно - во затворот. Сè до неговото самоубиство во 2002. Она што го покажува овој случај е дека кога ќе се острани книжевниот аспект она што од него останува е една бесмислена трагедија, која можела да се спречи, да немало толку суета и алчност за приказната да се раскаже по секоја цена.