„Цвета живее во кавадаречката населба Х, каде веќе две недели нема вода", ви сугерира авторот, портретирајќи ви ја Цвета како измачена старица, која по третата реченица веќе треба да ја познавате и да ја сакате како своја баба. Проблемот е што токму по овој момент таа, како во некаков наративен коитус интеруптус, некаде исчезнува, за никогаш повеќе да не се спомне. Нејзиното присуство послужило само како реторичка јадица, техника научена на некој од часовите по новинарство или некритички преземена од другите, слични стории, додека вистинската информација всушност била прилично банална и се состоела во - пукната цевка.
На 14 февруари 1972 во Њујорк Магазин излегол долг текст којшто се смета за манифест на тн. Ново новинарство. На повеќе од дваесет страници, денес 84-годишниот бард на американското новинарство, Том Вулф, ја трасира историјата на неговиот занает од времето по Првата светска војна до седумдесетите, и промените за којшто самиот сведочи. Сите знаат за еден облик на натпревар помеѓу новинарите, вели тој, а тоа е трката кој прв ќе објави некаква информација, особено ако таа има некаква скандалозна содржина. Но има и една друга група новинари кои се натпреваруваат во друг спорт - пишување стории (feature writers). Анализирајќи ги нивните текстови, карактери и начин на живот, Вулф, кој на крај станал еден од нив, дијагностицира една нивна заедничка црта: тие го третираат весникот како мотел во којшто преспиваш на патот до финалниот триумф. Идејата е да се вработиш во весник, да си ги одржуваш на куп телото и душата, да го запознаеш „светот", да собереш искуство и потоа да му кажеш збогум на новинарството, затворајќи се во некаква колиба каде по шест месечна напорна работа би дошол до вистинската цел - Романот (да, со големо Р).
Она што сака да го каже Вулф е дека вистинската амбиција на овие новинари, не била новинарска туку - писателска. Тоа што во некои неделни списанија (Хералд Трибјун, Плејбој, Ролинг Стоун, Есквајр) им било дозволено да се занесуваат со вметнување ликови, дијалози, тек на свеста и детални описи во сториите кои ги правеле за неделните списанија, било повеќе инцидент, отколку стабилна и смислена уредничка политика. Сите тие всушност вежбале, билдале книжевен мускул, за во еден момент да го остварат сонот на еден Штајнбек (кој работел како ѕидар), Саројан (кој работел како разнесувач на Вестерн Јунион) или Фокнер (кој работел како мијач на садови во грчки ресторан), со една важна предност - барем живееле од пишување.
Тогаш станало јасно дека е можно еден нов вид новинарство, нешто што не е роман, но личи на роман, новинарство кое има и естетска димензија. Тоа што некои од ваквите новинари навистина во еден момент го напуштиле занаетот и се затвориле на шест месеци во колиба, за од таму да излезат со бестселери, каков што бил примерот на Чарл Портис, чиј роман „Вистинска храброст" (True Grit), нам најпознат по филмот на браќата Коен, бил најпрво објавен како серија текстови во The Saturday Evening Post во 1968, само ги поттикнало и оние другите да ринтаат над машините за куцање, чекајќи го својот час. Описот на Вулф (кој патем подоцна исто така ќе објави славен роман, The Bonfire of Vanities) на еден од неговите харизматични колеги е неодолив:
„Тој по цел ден ќе беше надвор собирајќи информации, ќе дојдеше во четири попладне и ќе седнеше на маса среде редакцијата. Тоа беше шоу. Беше згоден Ирец со многу црна коса и одлучност на борач. Седнуваше на машината за куцање, и се навалуваше над неа во форма на топка за куглање. Почнуваше да пие кафе и да пуши додека не почнеше да му излегува пареа од телото. Изгледаше како кугла наполнета со течен кислород. Потоа се палеше, и почнуваше да куца."
Но она на што сведочи Вулф не е раѓањето само на еден нов вид новинарство, туку и на нов вид книжевност. Всушност, „Новото новинарство" е опишано и како книжевен жанр, а како негови претставници се наведуваат Труман Капоти, Хантер С. Томпсон, Норман Мејлер, Џоан Дидион. Прелевањето на новинарството и книжевноста во нивните дела поттикнало дотогаш невидени и жолчни дискусии околу етиката, објективноста и вредноста на напишаното. Противниците на овој пристап велеле дека под плаштот на новинарството, злоупотребувајќи го неговиот авторитет, а истовремено „гребејќи" се од атмосферата која има моќ да ја создаде фикцијата, се создава едно копиле од жанр, парановинарство.
Описот на Вулф нè потсети на повозрасната генерација наши новинари, кои денес се многу попознати како писатели. Отворете која и да е биографија на некој од нашите истакнати автори по Втората светска војна, и во сите нив има податок дека биле новинари или уредници на весници и списанија. Денес не-толку-новото новинарство, хибридот помеѓу книжевноста и известувањето, во светот е се уште жанр кој жнее Пулицер и новинарска слава. Помислете на ова кога следниот пат ќе прескокнете некој „лонгформ" текст - можеби тука ќе ја најдете Цвета и утехата по новинарството кое ви недостасува.
Која Цвета?