Има некој адреналин во тоа да се расправаш, и барем во свои очи да испаднеш во право. Иако е тешко да се носи на свои плеќи сета таа одговорност за тоа луѓето да се соодветно информирани и свртени на вистинскиот пат.
Троловите како Мики во медиумите се прикажани како злобни и тотално неемпатични - некој вид социопати кои уживаат во анонимно (па дури и неаномимно) навредување на непознати на интернет. Некоја поблага варијанта на ова е човек кој не е лош, но кој паѓајќи во оганот на дискусиите во кои мора да го има последниот збор не бира средства. И ај што повредува други, туку станува и зависник од ваквата социјална размена, која мора да ја живее секојдневно, како во неа да се содржи сета смисла на неговиот/нејзиниот живот.
Иако (засега) ваква дијагноза официјално не постои, во дијагностичкиот прирачник на ментални болести (познатиот DSM-5, според кои се раководи Американската асоцијација на психијатри) има одредница „пореметувања произлезени од употреба“ (use disorders), кои се дефинираат како повторливо конзумирање одредена супстанца (алкохол, дрога) кое „предизвикува клинички или значаен функционален хендикеп“. Дали и интернет може да стане таква „супстанца“?
Сепак, луѓе како Мики најчесто немаат историја на (зло)употреба на дрога и алкохол. Се работи повеќе за пореметување на контролата на импулси, нешто слично како клептоманија, пироманија или коцкање.
Но пречка во третирањето на хардкор троловите е тоа што е тешко да се дефинира што точно се подразбира под „тролање“. Во раните 1980-ти и 1990-ти тоа генерално се однесувало на некој вид онлајн заебанција, она што денес некои луѓе го нарекуваат „класично тролање“. Тука целта е главно забава. Но со текот на времето тролањето почна да се поврзува со многу понегативни нешта - омраза, малтретирање и сајбербулинг. Се дојде до ситуација и самиот термин „трол“ да загуби на значење заради прекумерна употреба.
Ваков е ставот на Витни Филипс, истражувачка на троловите и авторка на „Ова е причината зошто не можеме да имаме убави нешта: мапирање на врската помеѓу онлајн тролањето и мејнстрим културата“. Во книгата таа тврди дека и покрај тоа што тролањето се осудува како девијантно, тоа всушност совршено се вклопува во современиот медиумски пејзаж, претставувајќи истовремено и негова причина и негова последица. Однесувањето на троловите е всушност поттикнато од културата, истата онаа која потоа ги обвинува за агресивност и неемпатичност.
За попрецизно одредување на мотивите на троловите и нивната психолошка состојба ќе бидат потребни посериозни истражувања од овие до сега, кои се базирани главно на впечатоци и несистематски собрани податоци. Каква и да е информација во врска со нивната демографска припадност засега е базирана само на она што одредената личност го постира. На пример ако пушта расистички коментари најверојатно е бела, ако тие се мизогинични најверојатно е маж. Но ова „веројатно“ не е доволно, особено знаејќи дека троловите може да кажуваат и работи кои реално не ги мислат, само за да се расправаат. Прашањето е дали тие имаат реални психолошки проблеми, или се само идиоти?
Види и: Историја на терминот „трол“