Најдобриот пријател на лебот (во месеците кога нема ајвар) триумфално се враќа на нашите трпези откако својот пораз го призна Унилевер, главната светска компанија која го промовираше маргаринот како негова вкусна и здрава замена.
Унилевер кој во минатото не испушташе прилика да истакне дека путерот убива, соочен со разнишаниот бизнис со маргарин вреден 4,8 милијарди долари реши да ја голтне гордоста и почна да става вистински путер во германската Рама, нивниот најпопуларен бренд на тој пазар.
"Повеќедецениската битка меѓу путерот и маргаринот заврши. Победи путерот" прогласија инвеститорите.
Ренесансата на путерот се должи на последните научни откритија за хранливоста и користа на двата производа како и на популарните тв програми за храна каде тој секогаш се преферира над растителниот маргарин (освен кај македонските преведувачи на Кичен24 кои мртви-ладни путерот го преведуваат како маргарин).
"Маргаринот стана синоним за ефтина, вештачка и нездрава храна," констатира угледната американска нутриционистка Мерион Нестле.
На американскиот пазар путерот го достигнува своето најмасовно користење во последните 44 години додека маргаринот е на најниски гранки во последните 70 години. Во Германија, путерот го тепа маргаринот три спрема еден а разликата постојано расте.