Од митологија до интернет

Што е тоа „трол"?

Нова книга на авторитет од областа на скандинавската митологија ја трасира историјата на троловите од нивните најрани појави во нордиската книжевност, до современите манифестации на злобните „Други", оние од интернет.

Џон Линдоу (John Lindow) е професор по германски јазици и книжевности на Харвард, со неколку книги посветени на средовековниот фолклор и скандинавската митологија. Но сето тоа звучи преакадемски и неактуелно за пошироката јавност, доколку не се најде некаква нишка со модерното и популарната култура. Неговата книга „Тролови: неприродна историја", која во мек повез излезе пред неколку денa, го прави токму тоа неопходно поврзување на различните типови тролови - оние кои ѕиркаат под мостови и плашат (а богами и јадат) деца во фолклорот на различни култури, кои се закана за хобитите во Средната земја во „Господар на прстените" или кои ги населуваат подземните зандани на Хогвартс во „Хари Потер", со оние од реалниот живот, како бездомниците од Калифорнија (жаргонски наречени 'хобити') или досадните и безобразни луѓе на социјалните мрежи.

Првите тролови во пишуваната историја се појавуваат во 12. век, во приказна за тоа како една историска личност, викингот-поет од 9. век по име Браги, сретнал некаква жена-трол (тролка?) во шумата. Таа зборува во стихови, во кои се опишува себеси како „гнетач на богатство, чувар на гробишта и голтач на космичкото тркало", што Линдоу го коментира како „убедливо си-ви". Троловите се закана по човечкиот живот и благосостојба, се дружат со мртви, па уште велат дека доколку сакаат можат да го проголтаат сонцето или месечината. Истовремено се и глупави и лукави, злобни и гладни по човечко месо.

Ликот на троловите од скандинавската се преселила во англо-саксонската литература (особено во бајките за деца) благодарејќи на популарните викторијански преводи на норвешките бајки. Во нив троловите се малку посимпатични, комични, но секогаш не-човечни, односно вон сферата на обичните луѓе.

 

Токму ваквата социјална исклученост на тролот како митолошки лик е податен за неговото користење за опис на реални, но на некој начин „неприлагодени" луѓе, кои одеднаш излегуваат од анонимната „зандана" на киберпросторот за да го уплашат светот со нивните злобни, застрашувачки, политички некоректни или просто глупи коментари. Денес „трол" е таков човек на интернет, но како што тргнало, овој термин во иднина може ќе се прелее во некои други сфери, кои сè уште не се ни измислени. Како што вели Линдоу - „веројатно секогаш ќе ни треба концептот на трол, за да опишеме луѓе и нешта кои го вознемируваат општеството, а нас нè плашат".

Совет:

27 ноември 2014 - 19:46