Иако и медицината и општеството немаат раскрстено со етичките дилеми околу клонирањето, кинеските научници тргнаа и успеаја да клонираат два Макако мајмуна, користејќи ја истата техника на клонирање која беше користена при пионерското создавање на овцата Доли во 1996 година.
Лабораторијата од кои произлегоа првите клонирани примати Жонг Жонг и Хуа Хуа, уверува дека клонирање луѓе не им паѓа на памет иако е нејасно зошто тогаш решиле да клонираат мајмуни и кој после мајмуните би бил доволно интригантен научен предизвик за нив.
Доктор Франкенштајн денес има професионални спин доктори чиј ПР ова веднаш го прогласи за револуционерно откритие. Па сепак, битни делови се изоставаат од приказната. На пример, дека целиот процес на клонирање животни произведува огромно страдање на животните. Ужасни и гротескни деформитети се вообичаена норма - 96% од произведените животи не дочекуваат шест месеци.
Огромен дел од клонираните животни имаат погрешен или неразвиен имунолошки систем и страдаат од серија болести, меѓу кои срцеви проблеми, проблеми со дишењето и структурна инвалидност. Тимот кој ги креираше Жонг Жонг и Хуа Хуа претходно имале дури 79 неуспешни обиди. Мајмун по мајмун живеел во пекол неколку дена и потоа умирал. Тие „неуспеси’ немаа прилика да добијат имиња.
Слично беше и со Доли која заживеаа после 227 клонирачки неуспеси и имаше живот полн со болештини, меѓу другото и предвремен артритис а умре од рак на белите дробови.
Еден свештеник имаше кажано дека човекот толку го измачува остатокот од живиот свет што ако некогаш животните успеат да направат религија, нивниот ѓавол сигурно ќе биде со човечки лик. Човек кој ја видел Доли тврдеше дека таа ги гледа луѓето со „црвени очи полни омраза“. Кај слатките мајмунчиња лесно се забележува стравот во нивните очи. Омраза и страв. А како поинаку да се гледа Ѓаволот?