Имаме и ние пријатели кои минале низ серолошки тест и испаднале позитивни и онда, пошто рачунаат дека веќе го имаат прележано коронавирусот, се понашаат ко Авенџери. Само што, позитивен тест со анти-тела може да биде лажен позитивен тест, особено во средини со мала стапка на инфицираност.
Клучната квака навистина е во статистиката, но да одиме по ред.
Ни американската агенција за храна и лекови нема одредено стандарди за овој вид тестови, но дури и оние кои ги задоволуваат неформалните стандарди, можат да произведат многу лажни одговори и да понудат лажна сигурност.
Како прво, уште е нејасно дали некој кој има анти-тела на коронавирус во својот организам е имун на болеста. Телото обично произведува анти-тела во рок од една недела од инфицираноста. За многу болести, луѓето обично уживаат во одреден период кога имаат имунитет на она што ги разболело и од кое се опоравиле. Но, тоа уште не е потврдено за ковид-19.
Некои од тие тестови доаѓаат со ознака за специфичност од 99%, што значи дека тестот лажно ќе покаже присуство на анти-тела од коронавирус во само 1% од случаите.
Но наспроти импресивната бројка од 99%, во некои околности тоа може да биде многу полошо. А се должи на еден контра-интуитивен факт: валидноста на еден тест не зависи само од технологијата по која е изработен туку и од тоа колку е зачестена болеста во популацијата која се тестира.
„Чудно звучи тоа,“ признава доктор Гилберт Велч од женската болница во Бостон кој се занимава со тие теми на тестови и скрининзи. „Тест со анти-тела е многу поверојатно да е погрешен во популација со ниска изложеност на ковид-19.“
Еве со пример:
Да речеме дека спроведувате тест кој дава 5 лажни позитивни резултати во група од 100 луѓе. Тоа не звучи лошо. Но пазете сега на ова: ако тие 5% од 100 луѓе се навистина заразени од коронавирус, тоа значи дека треба да добиете пет коректно позитивни резултати заедно со пет лажно позитивни резултати.
И иако произведувачот и натаму има право да тврди дека неговите тестови имаат специфичност од 95%, во оваа популација „тестот ќе биде погрешен половина време,“ вели Велч. „Половина од луѓето ќе бидат лажно уверени“.
Еве што се случува во случај ако се користи тест со 90% специфичност во популација во која само еден процент луѓе имаат коронавирус: над 90% од позитивните резултати ќе бидат лажно позитивни и ќе даваат лажна увереност на луѓето.
Или пак следниов пример:
Дечките од NPR направиле згодна алатка на која со слајдери можете да ги менувате параметрите за да видите колкав процент лажни позитивни резултати би се добиле. Тоа овде.
Статијата наведува дека еден од начините да се лимитира проблемот со лажните позитивни резултати е тестирањето да се фокусира на популација во која болеста е позачестена, односно каде што вистински позитивните луѓе би ги имало повеќе од лажните позитивни - на пример во болниците.
И уште една важна работа: високо-квалитетни тестови со анти-тела остануваат вредни во случаи кога индивидуалните лажно-позитивни резултати се помалку битни. Тоа би било случај кога масовно би се тестирале цели популации во кој случај грешките би ја добиле својата вистина тежина.
Но, останува предупредувањето дека индивидуален позитивен тест со анти-тела не е баш фри-пас за „нормален живот“.