Џејмс Меквилијамс објаснува дека од трчањето до сега има видено само ќар по сите основи по кои тоа може да се очекува - убаво спиење, намален стрес, избегнување депресија и генерално добра физичка кондиција, а проблемите кои ги има се сведуваат на истегнат мускул или тетива. Она што него го вади од памет е што неколку пати се има фатено себе си дека се однесува како зависник во однос на трчањето.
Зависноста од вежбање никако не е официјален проблем, ама и покрај тоа постојат сериозни професионални истражувања на темата, посебно откако активности како маратоните и триатлоните станаа се популарни.
Некои од најкорисните истражувања на оваа тема објаснуваат како човек се движи од рекреативно вежбање до дисфункционалност:
"На едната страна од отсечката е рекреативно вежбање, кое суштински го подобрува квалитетот на живот и тука човекот го контролира вежбањето, може да застане кога е време да застане, ужива во основните здравствени и фитнес бенефиции од него и не се потресува кога ќе прескокне да вежба...
По ова се' станува повеќе проблематично. "Вежбање од ризик" означува стадиум кога си свесен за тоа како вежбањето влијае на тебе. Тука телото и мозокот веќе паметат колку убаво си се чувствувал по вежбањето и ќе направат се што треба за повторно да се вратат во таа состојба...
Следната фаза е на самиот праг од зависноста, нешто што Мерилин Фримут го нарекува "проблематично вежбање." Водечките истражувања на оваа тема се користат со истите психолошки критериуми како и истражувањата за зависност од супстанци. Исто како што луѓето кои имаат проблем со алкохолот продолжуваат да пијат и откако имаат доволно испиено за да не се под стрес, така и проблематичниот вежбач ќе ги трупа километрите и покрај тоа што веќе ја постигнал планираната цел...
Последната фаза е комплетна зависност. Според Фримут ова е точка во која 'фреквентноста и интензитетот на вежбањето продолжува се додека ова однесување не стане главен принцип околу кој е организиран целиот живот,'" пишува МекВилијамс.
На крајот од својот текст за Пацифик Стандард, МекВилијамс се сомнева дека можеби луѓето кои се зависни со вежбање немаат проблем, туку тие само се однесуваат како што човековото тело било планирано да се однесува пред почетокот на индустриската револуција, кога луѓето постојано биле во движење за разлика од денес кога седењето е активност која преовладува.