НАСА сака да се огребе од златниот астероид, ама не се надевајте на чек

Во веројатно најфантастичната вест што некогаш се раширила меѓу човештвото, НАСА планира да стигне до астероидот 16 Псајхи, составен од злато и останати драгоцени метали, вреден 700 квинтилиони долари (седмица и 20 нули, 700.000.000.000.000.000.000,00).

Станува збор за незамислива сума пари која кога би била разделена меѓу секој човек на планетава (бебе, мажи, жени, старци, сите, сите), секој од нас би добил по 93 милијарди долари.

А сега лошите вести: ова нема да се случи. Дури и да имаме технологија и способност да го приземјиме астероидот во некоја пустина (наместо да биде копан во вселена), и потоа макотрпно да го ископуваме и праведнички да го делиме меѓу жителите на планетава, препрека во остварување на планот ќе бидат основните пазарни сили, според кои во првиот момент кога огромните количини злато ќе почнат да го преплавуваат пазарот, тоа повеќе нема да биде ни драгоцен, ни скап метал

Од Блумберг подлабоко се занимаваат со проблемот, па објаснуваат дека метал како метал, па дури и да е злато многу малку ќе придодаде кон вистинското богатство. Иако тој ќе има најразлична употреба во индустријата, тој нема да придонесе кон нова индустриска револуција или драматично да ги намали цените на добрата и услугите.

Друга работа што ја објаснуваат од Блумберг е „златото нема висока цена само затоа што е ретко - многу други работи се ретки и немаат никаква пазарна вредност. Туку тоа има висока цена затоа што е ретко во однос на побарувачката за него. А затоа што астероид од злато нема да ја зголеми глобалната побарувачка по злато, не постои начин како тој да создаде илјадници милијарди долари во ново богатство“.

Кога во 1500-те Шпанија ја освојува Јужна и Централна Америка, го пљачкосува тамошното злато и сребро, го враќа во Европа и го користи за плаќање (главно на војни), се случува пад на вредноста на златото, односно инфлација, заради неговата преголема достапност.

„Па, џиновски астероид нема да нè направи сите милијардери. Меѓутоа која и да е компанија за вселенско копање руда што ќе успее да стигне до астероидот, најверојатно и ќе успее да направи неверојатно богатство за себе. Само таа ќе мора да го следи учебникот на компанијата за дијаманти Де Бирс.

Дијамантите порано се неверојатно ретки, и така е се додека во 1800-те во Јужна Африка не се откријат огромни резерви од нив. Во тоа време британскиот бизнисмен и колонијален функционер Сесил Роудс го консолидира целото копање дијаманти во Јужна Африка под компанијата Де Бирс, формирајќи монопол кој подоцна паѓа под контрола на семејството Опенхајмер. Со текот на годините, Де Бирс успеваат да го одбранат својот монопол од најразни нови компании правејќи залихи кога цените се ниски и преплавувајќи го пазарот за да ги уништат конкурентите,“ пишува Ноа Смит во текстот за Блумберг, објаснувајќи дека Де Бирс во втора фаза започнуваат крајно успешна кампања во која успеваат да го убедат глобалното население дека дијамантски прстен е симболот за брак.

Смит повторува две лекции околу богатството, прво - добар дел од богатството постои само на хартија, пробај да го продадеш и ти си тој што му ја симнува цената. Второ, можноста да продадеш нешто за кеш е важен фактор што не треба да се заборави кога се пресметува нечија нето вредност.

 

29 јули 2019 - 11:02