Кинеските градови се сунѓери за дождовница

Дождот не мора секогаш да биде елементарна непогода што ги претвора градските улици во реки и ги поплавува подрумите. Во урбани средини во кои канализацијата не е затната дождот поминува како однесен со вода. Во кинеските градови, дождовницата е благослов – внимателно се собира, се рециклира и се користи за наводнување и тоалети.

Модерните кинески архитекти ја обновија древната традиција на собирање дождовница за да дизајнираат еколошки згради. Типичен пример е Птичјото гнездо – огромниот олимписки стадион во Пекинг, кој освен впечатливата челична конструкција го краси и внимателната мрежа од капиларни цевки, скриени од погледот, кои се специјално направени за да ја канализираат дождовницата. 

Водата се собира во три подземни резервоари, поминува низ филтри и се рециклира за потребите на стадионот. Според податоци од Министерството за водни ресурси, пречистената дождовница задоволува 50% од потребите за вода на стадионот – од празнењето на казанчињата во тоалетите до полевањето на тревниците. Системот на олимпискиот стадион третира 58.000 тони дождовница секоја година. Аквацентарот во непосредна близина има систем што собира 10.000 тони.

Од практиката „урбано собирање дождовница“ Пекинг секоја година добива по околу 50 милиони кубни метри индустриска вода. Заедно со други извори, како истечните води од бањите, ова количество задоволува 30% од потребите за вода на градот со повеќе од 20 милиони жители.

Стратегијата за урбанистичко планирање „градови-сунѓери“, базирана на древни системи, во Пекинг ја донесе архитектот Ју Конџијанг. Градовите-сунѓери користат зелени површини, мочуришта и водопропустливи поплочувања, заедно со традиционалните системи за одводнување, за да ги намалат ризиците од поплави, особено на влажниот југ на Кина.

Концептот е уште пополезен во градовите на северот, кои често трпат сезонски суши. Уште од времето на династиите Чин и Хан постојат записи за езерца изградени за складирање дождовница.

Кина има посебен афинитет кон дождовницата. Во традиционалните домови покривите биле дизајнирани да ја пренасочуваат водата од дождот кон внатрешноста на дворот, за да може да се складира, вели Ванг Донг, директор во студиото на Ју. 

Во 1995 година, Кинеската комунистичка партија го организирала првиот современ национален семинар за користење на дождовница во градот Ланџоу, на границата на пустината Гоби. Концептот на Ју во 2010-ите доби на популарност и во 2014 година беше усвоен од владата како официјална стратегија за национално планирање. Целта на властите е да складираат 70% од врнежите заради повторно користење во градовите.

Индустријата за производство на резервоари и системи за филтрирање, достигна 126 милијарди јуани (18 милијарди долари) во 2023 година, со очекување за понатамошен раст.

16 јануари 2026 - 13:34