Каков ли е тоа таен подземен град од 21.000 милијарди долари?

Поранешна функционерка во администрацијата на Буш тврди дека САД изградиле подземни градови за десетици илјади милијарди долари тајно извлечени од буџетот. Нема одговор како е можно никој од армијата градежници да не каже ни збор за тоа. Но, факт е дека во САД уште од Студената војна цвета бизнисот за копање бункери, без оглед дали се луксузни или егзистенцијални.

Кетрин Остин Фитс, помошник-секретар за домување и урбан развој во администрацијата на претседателот Џорџ Х.В. Буш ја шокираше јавноста со тврдењето дека американските власти прикриле 21.000 милијарди долари за да изградат подземни засолништа во кои ултрабогатите би можеле да се скријат во случај на нуклеарна или друга катаклизма.

Гостувајќи на подкастот на влијателниот Такер Карлсон, Фитс тврди дека парите неовластено биле собрани во периодот од 1998 до 2015 година. Таа се повикува на извештајот од 2017 година на Марк Скидмор, економист од Универзитетот во Мичиген. 

Извештајот покажа дека Армијата имала 6.500 милијарди неподдржани корекции или трошоци во фискалната 2015 година. Со оглед на буџетот на Армијата од 122 милијарди долари, тоа значи дека корекциите се 54 пати повисоки од трошењето одобрено од Конгресот, изјави Фитс.

Истражувајќи каде завршиле толку многу пари, таа открила дека низ САД има 170 тајни подземни бази со градска инфраструктура и транспортен систем. Базите би се користеле за засолнување при закана од катаклизма или за тајни воени или вселенски проекти.

Фитс нема одговор на очигледното прашање: Ако веќе биле изградени толку големи и скапи бази, како е возможно досега за нив да не проговори никој од илјадниците луѓе што веројатно биле ангажирани во изградбата.

Иако следбениците на Такер го отфрлаат тврдењето на неговата гостинка како уште една теорија на заговор, факт е дека во изминатите години е засилен интересот за заштита од катаклизма. Трендот што почна во Студената војна го забрза пандемијата.

Компанијата SAFE (Strategically Armored & Fortified Environments) промовира луксузни бункери за „судниот ден“, во кој може да се резервира место за 25 милиони долари. Бункерот е опремен со велнес програма, медицинска грижа и уреди со вештачка интелигенција. Првото луксузно засолниште е најавено во Вирџинија, близу до главниот град, но планот е да бидат изградени во сите сојузни држави.

Atlas Survival Shelters гради бункери со паркинг места, спортски сали и оранжерии, но директорот Рон Хабард вели дека се продаваат и бункери од само 20.000 долари „за луѓето што возат пикап, а не ферари“. Заинтересираните како главни причини ги наведуваат страв од пандемија, нуклеарна војна, финансиски колапс или граѓански немири.

******
За бункерите:

Народ тргнал да купува нуклеарни бункери
Наместо базен, на Запад се бара бункер

9 мај 2025 - 09:53