- Наместо базен или гаража, многу луѓе сега сакаат бункер, велат од една германска фирма која нуди бункери во три стандардни големини, почнувајќи од модел за 79.000 евра.
Има и посиромашки верзии на пазарот кои почнуваат веќе од 15.000 евра.
Клиентите варираат од тајкуни до типично семејство од средната класа каде што сопругот е електротехничар, а сопругата продавачка. Повеќето бараат фиксно засолниште во подрумот на нивната куќа но и поголеми скривници во дворот.
Сестрите Кардашијан уште пред 4 години купиле сигурен бункер од 45 квадрати (само кондурите нема им ги собере), но за Закерберг од Мета се зборува дека поседува десетпати поголем подземен бункер на својот ранч во Хаваи.
Побарувачката за бункери и засолништа пораснала после руската инвазија на Украина а спомнатата компанија добива по илјада прашања дневно. Бројот на нарачки им е утростручен од 2022 година.
Интересот на граѓаните сами да се снаоѓаат произлегува од фактот дека државата се откажа од градење доволен број засолништа за граѓаните во случај на нуклеарна војна. За згрижување на целото население требало да се изградат 210.000 големи скривници, со инвестиција од 140 милијарди долари и време на градење од 25 години.
Сега во германските бункери и засолништа има место за 450.000 лица. Спротивен пример се Финска и Швајцарија чии власти изградија доволен број скривници за целото население.