Во мај од Бари во Москва пристигна реброто на Свети Никола. Откако беше изложено во катедралата на 21 мај, до крајот на јуни него го имаат посетено над еден милион Руси.
Редот пред катедралата во одредени моменти е долг и над 8 километри. Околу самите останки, ставени во кутија и покриени со блиндирано стакло, има свештеници и обезбедување. Свештениците те потсетуваат да ја спремиш молитвата и го забришуваат стаклото со крпа, додека обезбедувањето ги потурнува посетителите да побрзаат со крстењето и кажувањето молитва.
Најголемиот дел од посетителите се верници кои доаѓаат со спремна молитва, од љубов и здравје за блиските, до полагање испити за оние што се во испитна сесија. Дел од луѓето минуваат низ катедралата чисто и за со свои очи да ја видат реликвијата која за прв пат го напушта италијанскиот град по 930 години.
Свети Никола умира во денешна јужна Турција во 343 година. Во 1087 италијански морнари успеваат неговите коски да ги префрлат во Бари, каде останките се чуваат до денешен ден.
Одлуката да се извади едно ребро од останките и да се испрати во Русија беше резултат на историскиот состанок меѓу папата Франциско и рускиот патријарх Кирил, што е прва таква средба од 11 век.
Останките од Свети Никола на 12 јули се селат во Санкт Петербург, а кон крајот на месецот се враќаат во Италија.