Иако смртта на Чау на Северен Сентинел има бројни сличности со случајот од Источен Еквадор, и во двата инциденти се вклучени изолирани племиња и христијански мисионери, таа добива сосема поинаква реакција.
Така денес меинстрим медиумите објавуваат текстови во кои Чау е обвинет за „културолошки империјализам и лудачка ароганција“; на социјалните медиуми тој е нарекуван „неуспешен колонизатор“ и „американски куртон“. Плус бројни критичари нагласуваат дека неговата експедиција е прекршување на индиските закони, кои забрануваат приближување до островот (дури и домородците некако да не префателе некоја болештија од Чау, контактот со луѓе од надвор може „непоправливо да ги измени нивните животи и култура“).
„Патувајќи до ’недопрена’ група луѓе, Чау делува во согласност со еден од највисоките императиви на евангелистичкото христијанство, и еден од најдрагите наративи. Авторката на претстојната книга за мисијата во Еквадор од 1956, историчарката Кетрин Лонг објаснува ’во евангелистичките и мисионерските кругови постои чувство дека една од највозвишените работи што можеш да ја направиш е да го споделиш евангелието со група која никогаш го нема чуено.
За голем број евангелисти, ова е најдраматичната верзија на исполнување на ’Големата порака’ на Исус во која тој на своите следбеници им вели ’одете и создадете приврзаници од сите нации’,“ објаснува Рут Грем во текстот за Слејт.
Она што е интересно е што Чау не беше прогласен за херој ни од Христијаните, па како што пишува Род Дреер во текстот за Американ конзерватив: „потегот на Чау не само што апсолутно немаше шанса да успее, туку и можеше да донесе болести и смрт во племето. Како може кој било Христијанин да го оправда ова?“ Тој дополнува дека егзибицијата на Чау само ќе ја влоши состојбата на христијанското малцинство во регионот, и на христијанските хуманитарни работници и долгорочни мисионери што се присутни таму.
Самиот потег на Чау и од Христијани и од секуларни се смета за „карикатура на западен пристап“. Во својот дневник, објавен со дозвола на семејството, Чау пишува дека се обидел да се зближи со припадниците на племето давајќи им ножици и безопасни игли, и пеејќи христијански песни. Чау преживува само еден ден на плажата на Северен Сентинел.
„Во евангелистичкото мисионерство во изминативе 50 години се случуваат огромни промени во однос на опасноста од културолошки империјализам. Има многу поголема чувствителност меѓу евангелистите отколку во времето на смртта на мисионерите во Еквадор,“ објаснува историчарот од Бејлор Универзитетот, Томас Кид.
Варијантата која е најпосакувана за Христијаните е Чау да делува „на диво“ без закрила од ниту една организација, бидејќи на тој начин се амнестира остатокот од традиционалната мисионерска работа која се одвива во моментот. Сепак излезе дека Чау контактирал, а потоа добил обука и поддршка од неколку американски евангелистички групи, на кои им пристапил со намерата да го посети островот и да шири христијанство меѓу тамошните жители.
„Сега го имаш овој ризичен потег со кого евангелистите ќе мора да се справат. За надворешните набљудувачи ова секако дека изгледа како културолошки империјализам, бидејќи ја наметнуваш својата култура. Од друга страна ставот на евангелистите е дека можат на страна да ја стават културата и сета работа да ја сведат на Евангелието,“ објаснува Кид.
Според Лонг, разликата е што на времето петте мисионери во Еквадор „го симболизираат она што евангелистите сакаат да бидат“, а денес Џон Ален Чау може „да стане симбол на нешто сосема спротивно“.