Од авганистанските ниви доаѓаат повеќе од 80% од светското производство на опиум, бројка која не беше нешто значително сменета ни по американската инвазија на земјата во 2001, ни во следните 20 години окупација.
Во април минатата година група верски лидери издадоа наредба со која се забранува одгледување на афион во целата земја. Година и нешто подоцна, дел од експертите акцијата ја опишуваат како „најуспешниот напор за борба против наркотиците во историјата на човештвото.“
Ваквите пофалби доаѓаат со статистики според кои производството на афион во Авганистан е намалено за 80% од почетокот на акцијата. Површините на кои се засадува афионот во провинцијата Хелманд, на која отпаѓаат четири-петини од вкупното производство, се паднати на нешто ситно над 1.000 хектари, во споредба со 130 илјади хектари од една година претходно.
Стравот на експертите е дека историската успешност на Талибанците ќе значи дека нарко-пазарот ќе треба своите потреби да ги покрива од нови производствени ленти, во земји како Мијанмар и Мексико. Еден од проблемите внатре во Авганистан е што земјоделците на кои им е забрането садење афион сега ќе мора спасот да го бараат во миграција. Британските процени се дека забраната за одгледување афион збришала 450.000 работни места.
Кај крајните корисници новата ситуација може да се одрази со пополнување на побарувачката за опиум (хероин) со фентанил и други синтетички дроги. Фентанилот е 50 пати помоќен од хероинот, а едно кило фентанил е полесно да го прошверцуваш од 50 кила хероин.
Процената е дека рокот кога вистински ќе почне да се чувствува недостатокот на опиум е година до 18 месеци, колку што ќе траат до сега собраните залихи авганистански производ.
Експертите сега чекаат да видат дали Талибанците ќе издржат со спроведување на својата забрана до ноември годинава, кога почнува новата сезона за садење афион.