Шкотското национално јадење, по нашки најблиску до шваргла, изгледа како естетски непривлечна мешавина од јагнешки внатрешни органи, мешани со кромид, зачини и овес. Може да се мачите да го крчкате дома со саати, а може и да се купи сувомеснато, кое само треба да пушти во врела вода. Во кој и да било облик, неговиот увоз во САД е забранет со децении. И тоа сега станува важно прашање на надворешната политика на Британија.
Министерот за животна околина Овен Патерсон оваа недела има важна задача - да ја убеди администрацијата на Обама дека јагнешките бели дробови (велешки: бел џигер) во хагисот не претставуваат закана по јавното здравје на Американците, и дека забраната за увоз на овој производ која важи од далечната 1971, треба да биде укината.
Ова следи по потегот на САД за повторно отворање на американскиот пазар за говедско и други месни производи од ЕУ, по забраната во 1990-тите која се должеше на епидемијата на кравјо лудило. Што се однесува до Британците (односно Шкотланѓаните), ова е втор пат тие да се обидуваат да испреговараат со колегите од Америка, а мотивацијата е секако финансиска - пазарот на хагис само во Британија во моментов тежи 18 милиони евра. Главни купувачи во САД на ова „прекрасно национално јадење" се смета дека ќе бидат оние со шкотско потекло, чиј број се проценува на околу 9 милиони.
Ако баш сте запнале да го правите ова дома, еве неколку рецепти.