Есента 2017 една од високите уреднички на Њузвик е отпуштена откако пишува поплака до одделот за човечки ресурси, жалејќи се на полова дискриминација и насилство. Во отказот што таа го добива никаде не ги пишува нејзините поплаки, туку наведени само нејзините слаби перформанси и проблеми со однесувањето.
Меѓу нејзините гревови се тоа што како уредничка одбивала да објави некоја вест (што е работа на уредникот), не била доволно посветена на оптимизација на содржините за пребарувачи, не ги почитувала обидите на компанијата да се наметнат „агресивни квоти за импресии“ на новинарите, и пред другите високи уредници ширела обвинувања дека „компанијата има проблем со морал и кредибилитет.“
Само неколку месеци подоцна, на 5-ти февруари Њузвик почна да пука на шавовите по отпуштањата за кои пишувавме. Во претстојните неколку дена следуваа повеќе јавни откази на луѓе од редакцијата. На 9-ти февруари магазинот објави дека го враќа високиот уредник кој неколку недели претходно беше суспендиран заради сексуално малтретирање. По ова следуваше нов бран на напуштања овој пат на жени од редакцијата.
Минатата недела неколку преостанати високи уредници на Њузвик се заканија дека ќе поднесат оставка доколку нивните шефови не им дозволат да ја објават истражувачката сторија на која работеа отпуштените новинари. Менаџментот попушти, а веста „Зошто обвинителството од Менхетен ги проверува врските на Њузвик со христијанскиот Универзитет“ беше објавена. Сторијата започнува со забелешка од уредникот во која го обвинува менаџментот на Њузвик медиа груп за „незамисливи“ прекршувања на новинарската етика при рецензијата на сторијата.
Од менаџментот на Њузвик не се многу расположени да зборуваат ниту за статијата, ниту за кадровските промени. Затоа Слејт разговара со новинари и вработени на најразлични нивоа во магазинот во Њујорк и Лондон, „кои помагаат да се разјасни како повеќегодишниот обид за оживување на еден од маркантните американски магазини се претвори од инспиративен во катастрофално лош за само 12 месеци.“
„Иако Њузвик претрпе повеќе од доволно нестабилност во изминатата декада, брзината и сензационализмот на последната имплозија на магазинот, на повеќе начини, е исклучителна,“ пишува Вил Оремус во текстот за Слејт.
Од разговорите со вработените Оремус открива дека „редакцијата била управувана од страв, убиствено ривалство, и робовска опсесија со кликови по секоја цена.“ Новинарите и дескаџиите кои покривале теми како наука, култура и надворешни работи биле оценувани само според нивната способност да ги постигнат зададените таргети од 500.000 до 1 милион импресии месечно, а уредници обично напредувале само по основа на ветувања дека ќе донесат повеќе кликови и посети.
Најмалку 5 поранешни вработени, од кои и еден уредник, се отпуштени меѓу другото и затоа што во кадрово изразиле сомневање за неправилности во начинот на кој магазинот го мери интернет сообраќајот. Никој од нив не може неспорно да го докаже ова, ама кај секој тајмингот речиси е идентичен.
„Ваквиот кошмар е очигледен контраст на надежта што ја имаа вработените на Њузвик до пред една година. Реинкарнацијата започна во 2013 кога сегашниот сопственик, ИБТ Медиа, го купи Њузвик, го оживеа печатеното издание кое беше откажано една година претходно и го постави ветеранот Џим Импоко како главен уредник со намера да го направи Њузвик ’неопходно четиво’,“ пишува Оремус.
ИБТ Медиа е приватна компанија оформена во 2006 од двајца евангелистички христијани кои во тоа време имаат малку повеќе од 20 години. Нивниот главен медиум Интернешнл бизнис тајмс, преку агрегација на вести и оптимизација за пребарувачи успева да изгради импресивна публика, меѓутоа останува малку познат дури и во рамки на индустријата. За нив се прочу дури во 2013 кога го купија Њузвик за сума која се уште не е објавена.
Иако очекувањата беа дека ИБТ најверојатно ќе го искористи брендот Њузвик за вадење брз профит, новите сопственици приредија изненадување кога на Импоко му дадоа одврзани раце за управување со магазинот „што вклучуваше и објавување стории кои како да се трудеа да ги закачнат религиозните чувства на сопствениците.“
Оживувањето на магазинот одлично функционираше, брендот повторно е силен и почитуван, а во 2016 Њузвик е номиниран за националната награда за исклучителен магазин.
„Примамливо е да се посочи на отказот на Импоко во февруари 2017, од причини кои никогаш не беа јавно објавени, како пресвртница. Неговата замена, поранешниот уредник на Тајм и Њузвик, Мат Мекалистер, презема непопуларни експерименти за засилување на сообраќајот, проследи серија отпуштања, и самиот си замина за 6 месеци.
Тројца поранешни вработени за Слејт изјавија дека тие веруваат дека Мекалистер ја освоил позицијата на Импоко презентирајќи сериозно амбициозен план пред ЦЕО-то Дев Прагад, со кој Њузвик ќе стане еден од најпосетуваните сајтови на светот - во време кога сопствениците на компанијата се очајни да го зголемат сообраќајот. Шест месеци подоцна, Мекалистер е наследен од Боб Ро (главниот уредник кој месецов беше отпуштен), кого изворите го опишуваат како вешт уредник на стории кој малку прави за да го смири хаосот во редакцијата,“ пишува Оремус.
Сепак по разговарање со повеќе извори лично запознаени со уредничката стратегија на Њузвик, Оремус смета дека проблемите на магазинот имаат сосема поинаков извор: „криза во сестринските публикации, вклучувајќи го и Интернешнл бизнис тајмс.“
ИБТ Медиа е речиси комплетно финансирана од рапидниот раст на Интернешнл бизнис тајмс, кој исто така го плаќа и купувањето на Њузвик во 2013. Меѓутоа по 10 години постоење, во 2016 компанијата има сериозни проблеми и како дел од преструктуирање на своите брендови отпушта најмалку 45 луѓе.
Потоа во март 2017 се случува катастрофа за компанијата која зависи од оптимизација за пребарувачи (СЕО), Гугл прави голем апдејт на својот алгоритам за пребарување „чија цел е да се намали уделот на нискоквалитетни сајтови со многу реклами и на приватни блог мрежи кои се сметаат за алатка за измама и собирање посети.“ По ова сообраќајот што доаѓа на ИБТ од Гугл паѓа за 50%, а истото се случува и на останатите медиуми на ИБТ.
„Бројни извори потврдуваат дека притисокот врз Њузвик за зголемување на сообраќајот почнува да расте по падот на ИБТ. Како што изјавува еден поранешен вработен: ’ИБТ повеќе не носи пари, па Њузвик мораше да почне да носи пари’.
Во рок од неколку недели компанијата префрла седум новинари и уредници од ИБТ во Њузвик, доделувајќи им покривање на вонредни вести на ист начин на кој тоа го правеа во ИБТ за собирање на кликови.
Во април компанијата објавува дека ќе се ребрендира од ИБТ медиа во Њузвик медиа груп. Во јуни раководството почнува да го циркулира планот ’Њузвик 100 милиони’ чија цел е раст на месечните прегледи за повеќе од 5 пати во следните неколку години. И тогаш задолжителните квоти за сообраќај и перформанси стапуваат на сцена,“ пишува Оремус.
Под Импоко одредени новинари со полно работно време пишуваат само дузина стории годишно, нешто што е речиси недозволиво во новите околности. Чувството во редакцијата е дека раководството сака да го претвори Њузвик во фабрика за содржина, верувајќи дека зголемениот обем на работа на крај ќе резултира и со добро новинарство.
Една од новите мерки е што бројките од дневните и месечните импресии што ги добива секој од новинарите им се испраќаат на сите во редакцијата, што само ја зголемува нервозата во и онака напнатата редакција. Листите имаат и црвена зона на импресии, бројка во која не смее да падне ниту еден новинар. Во прво време повеќе уредници веруваат дека ова е привремено, колку компанијата да се крене на нозе.
Паралелно со новите квоти воведен е и нов систем на бонуси кој треба да ги надополни ниските плати по основа на добиени импресии. Проблемот со ова е што системот не разликува меѓу новинари кои работат на „клик-бејт“ теми како Трамп, и оние кои работат на помалку популарни теми како уметност, култура или имиграција.
Според системот што го објавува една од поранешните вработени во Њузвик, секој што месечно ќе донесе 360.000 посетители (12.000 дневно), добива бонус од 560 долари. Ова е минимална сума. Пример за 900.000 посетители месечно добиваш бонус од 3.000 долари.
Ако се оценува чисто по бројки на сајт, новиот систем носи спектакуларни резултати. Уникатните месечни посети на Њузвик во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 растат од 18,2 милиона на 34 милиони. Жртва на ваквите бројки е репутацијата на магазинот кој почнува да прави пропусти, греши факти и почнува да е перципиран како клик-бејт, посебно по повеќекратните тврдења дека Хилари Клинтон и понатаму би можела да стане претседател на САД и „чисти научни теми бесрамно накитени со наслови против Трамп.“
Во јавно објавеното писмо за отказ од 5-ти февруари, политичкиот новинар Метју Купер пишува дека „никогаш нема видено поневнимаелно раководство“. Според еден уредник младите новинари биле терани да пишуваат по 5-6 стории на ден, а кога ќе се пожалеле одговорот од уредниците бил дека „секаде е вака.“
„Трката за кликови и моќта на интернет платформите да создадат или уништат медиумска компанија, ќе им звучи позната на секој што е и површно запознаен со скорешните проблеми на медиумите. Сепак, она што се случи во Њузвик не беше неизбежно.
Како што стана јасно, барем во 2016, бранот на успешни медиуми базирани на сообраќај од пребарувачите и социјалните медиуми (како ИБТ) е ранлив од промените во алгоритмите на Гугл и Фејсбук. Мал број медиумски компании чии сопственици можеа да предвидат и имаа финансиска флексибилност константно го адаптираа својот бизнис модел со цел да преживеат. Лидерите на Њузвик медиа груп, очигледно, го немаа ни едното ни другото.
Најголемиот дел од нивните вработени се адаптираа на стратегијата која беше имплементирана; дел објаснуваат дека некои беа горди новинари кои ги правдаат компромисите дека спринтовите за сообраќај се само привремени. Некои, секако, имаа семејства за издржување. И за кратко време стана јасно дека оние кои не се согласуваат ќе бидат сменети...
... Сега изгледа малку веројатно дека ќе биде остварена целта од 100 милиони импресии. Од друга страна, ИБТ во својот врв достигна 55 милиони импресии, а Њузвик на повеќе начини стана наследник на бизнис моделот на ИБТ. Директорите изгледаат решени да го цедат тоа што е останато од името на компанијата за кликови и приходи од реклами се додека можат. Заминатите новинари и уредници од Њузвик беа заменети со свежа пратка од ИБТ.
Како што изјави еден поранешен уредник на Њузвик: ’Порано седевме во редакција и се смеевме дека на крај сите ќе нè отпуштат и ќе нè заменат со луѓе од ИБТ. И стварно тоа се случи.’“ пишува Оремус.