Војната во Газа и Израел го тестира правото на слободен говор на социјалните мрежи на сосема ново ниво. Украинската војна беше прилично едноставна приказна. Запад веднаш застана на страната на Украина, така што промовирањето на проруски ставови беше непожелно, што значи отстрането или отежнато. Блискоисточниот конфликт ја подели јавноста на поинаков начин, па чувствителноста на забраните и замолчувањето е многу поголема.
Мета, сопственикот на Фејсбук и Инстаграм, неодамна им се извини на некои корисници кои ја поддржаа палестинската страна и побараа итен прекин на израелското бомбардирање на Газа. Се испостави дека нивните објави се „мјутнати“ (вистинскиот термин е „shadow banning“). Елем, доколку алгоритмот процени дека се работи за непожелна содржина, таквата објава не се отстранува но нема ни да им се појави на корисниците кои некого следат. Дури и кога само споделуваат такво мислење.
Најслична споредба со реалниот свет би била како во трафика некои весници да ти кријат под шалтер.
Примери имаше многу, поплаките беа многубројни и од поединци и од организации за заштита на човековите права и слободата на говорот, па Мета мораше да се потсобере. Прилично несмасно објаснија дека во вакви конфликти е тешко да се процени кој ги крши правилата на мрежата, дека нивните алгоритми за умереност не се најдобро наштимани и дека сега тоа ќе погледнат подобро и ќе го средат.
Незадоволни корисници тврдат дека не може целата вина да се префрли на алгоритмите; тие се прилично сигурни дека човечка рака се има вмешано во постапките на Мета. Извесен твитерџија (иксаџија? иксаш?) @khanman1996 во своето „био“ на арапски напишал „Слава му на Бога“ а автоматизираниот англиски преведувач магично ја додал реченицата „Палестинските терористи се борат за слобода“. Веднаш објави видео со тоа, приказната стигна и до Би-Би-Си, кои и самите мака мачат која терминологија да ја користат за страните во Израел.
Некои корисници смислија да ги надмудруваат алгоритмите со замена на некои букви со знаци и бројки, па Израел стана Izr@3l, а Палестина - P@l3stin3. Човечкиот мозок може тоа да го прочита и сфати, додека на вештачката интелигенција ѝ треба малку време да сконта што всушност значат овие нови зборови, а дотогаш - пораката веќе се проширена.
Инстаграм проба да се вади дека некои постови не биле гледани бидејќи биле многу повторувани но тоа падна во вода кога им покажаа дека и оригиналните стории не биле видливи.
„Оваа ситуација им покажува и на оние кои условно кажано се рамнодушни или неутрални кон актуелните кризи, дека не можат да сметаат дека кога ним ќе им затреба, социјалните мрежи ќе бидат фер и неутрални. Нивните газди имаат свои политики кои не мора да се во согласност со политиките или ставовите на земјата или општеството од кое потекнуваат. И тоа е нешто што мора да се земе пRЕдв1д“, пишува Зоран Станојевиќ.