„Не добив никакво барање или известување од Јутјуб. Само исчезнав. Во тоталитарни системи постоиш, па одеднаш не постоиш. Претпоставувам дека ова е направено во име на цензурирање на руската пропаганда, иако ми е тешко да видам како детална дискусија за „Уликс“ или за биографиите на Сузан Зонтаг и Опенхајмер, дури и во очите на најтопаглавите цензори во Силициумската долина, имаат врска со Владимир Путин. А всушност, немав ниту една епизода што се занимавала со Русија. Бев на РТ затоа што, како критичар на американскиот империјализам, милитаризам, корпоративната контрола на двете владејачки партии, а особено затоа што го поддржувам движењето за бојкотирање и санкции против Израел, бев на црната листа. Бев на РТ од истата причина поради која дисидентот Вацлав Хавел, кој го познавав, беше на Гласот на Америка за време на комунистичкиот режим во Чехословачка: беше или да си таму или да не бидеш слушнат. Хавел немаше повеќе љубов за политиките на Вашингтон, отколку јас за оние на Москва“, вели Крис Хеџис.
Едноставно, целиот негов 6 годишен труд околу серијалот кој беше номиниран за Еми преку ноќ го снема од Јутјуб, сосе сите муабети со Чомски, Жижек, Наоми Волф, Корнел Вест... сосе сите дискусии со Глен Гринвалд и Мат Таиби... сосе сите муабети за литература, политика, карикатури..... Ништо од тоа веќе нема.
„Дали сме поинформирано и подобро општество поради оваа цензура? Дали е ова свет во кој сакаме да живееме, во кој веднаш може да нè избришат оние кои знаат сè за нас а за кои ние не знаеме ништо? Ако ова ми се случи мене, може да ви се случи и вам, на секој критика и сомнеж во доминантниот наратив“.
Според Хеџис, најстрашно во целата работа е што најгласни заговорници за цензурата се оние од либералната класа. Уплашени од бучните КјуАнонци, христијанските фашисти, оние кои имаат фетиш на оружје или култ кон Трамп, тие се ујдисаа со дигиталните монополи надевајќи тие ќе сторат сето тоа да го снема. Дека животот пак ќе биде нормален. Обвинуваат кого стигнат, само не себе. Имаат цела фиока Орвелилијански фрази за да ја оправдааат цензурата: фејк њуз, информациско пореметување, менаџирање на штетата, информациско загадување... Во меѓувреме уште верглаат за нивната фантазија дека Руси го донеле на власт Доналд Трамп. Фасцинантна неспособност за само-рефлексија и самокритика.
„И, кои беа моите гревови? За разлика од мојот поранешен работодавец, Њујорк тајмс, јас не ви ја продавав лаги за оружје за масовно уништување во Ирак, не продавав теории на заговор дека Доналд Трамп е руски човек, не ви кажував дека содржината на лаптопот на Хантер Бајден била „дезинформација“, не пророкував дека Џо Бајден е следниот Рузвелт или дека Хилари Клинтон ќе победи на изборите“.
Пред неколку децении на јавните медиуми можеа да се слушнат независни гласови како на Мартин Лутер Кинг, Малколкм Икс, Ралф Надер, Ноам Чомски... Нема веќе тоа.
А Хана Аренд одамна предупреди:
„Кога ќе престане да постои слободата на печатот, сешто може да се случи.“
**********
Од Крис Хеџис на Офф.нет види и:
Лектира за славјанки и слични милитантни пацифисти