Лектира за славјанки и слични милитантни пацифисти

Болно прецизна и морално бескомпромисна анализа на прашањето „како дојдовме до овде и каде сме тргнале“ од пулицеров добитник, долгогодишен воен дописник на Њујорк Тајмс и некогашен шеф на нивните бироа за Блискиот исток и Балканот. Има многу поенти и тач-дауни, за да не издвојуваме само некои, прочитајте го целото.

 

Студената војна, од 1945 до 1989 година, беше дива Баханалија за производителите на оружје, зa Пентагон, ЦИА, дипломатите кои се надигруваа на светската шаховска табла како и за глобалните корпорации кои умееја да ограбуваат изедначувајќи го предаторскиот капитализам со слободата. Во име на националната безбедност, Студените воини, многумина од нив самоидентификувани либерали, ги демонизираа оние кои се спротивставија на постојаната милитаризацијата на американското општество како мекотели во поглед на комунистичката опасност.

Затоа ја воскреснуваат Студената војна.

Одлуката да се отфрли можноста за мирен соживот со Русија на крајот на Студената војна беше едно од најзастрашувачки злосторства на крајот на 20 век. Опасноста од провоцирање на Русија беше универзално разбрана, вклучително од различни политички елити како Хенри Кисинџер (види: Хенри Кисинџер: Украина не треба да влегува во НАТО) и Џорџ Ф. Кенан (види: Кој уште требаше да предупреди дека се оди кон војна?).

Оваа провокација, прекршување на ветувањето дека НАТО нема да се проширува надвор од границите на обединета Германија, значеше примање на Полска, Унгарија, Чешка, Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка, Словенија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Македонија. Оваа измама беше надополнета со одлуката да се стационираат војници на НАТО, вклучително и илјадници американски војници, во Источна Европа, што е уште едно прекршување на договорот на Вашингтон и Москва. Руската инвазија на Украина, што можеби е цинична цел на западната алијанса, сега го зацврсти проширувањето и воскреснувањето на НАТО и неконтролираниот милитаризам. Господарите на војната можеби се во екстаза, но потенцијалните последици, вклучително и глобалниот пожар, се застрашувачки.

Мирот е жртвуван во име на глобалната хегемонија на САД. Жртвуван е за милијарди профити на индустријата за оружје. Мирот можеше да пружи шанса ресурсите да се инвестираат во луѓе, а не во системи на контрола. Можеше да ни овозможи да се справиме со вонредната климатска состојба.

Но ние запомагаме „мир, мир“, а мир нема. Нациите френетично се вооружуваат, ни се заканува нуклеарна војна. Тие се подготвуваат за најлошото, правејќи се за најлошото да се случи.

Па што ако Амазон ја достигне својата пресвртна точка кога дрвјата ќе почнат масовно да умираат. Па што ако ледените пространства почнат да се топат многу побрзоод предвиденото. Па што ако температурите се зголемуваат, ураганите, поплавите, сушите и шумските пожари ја опустошат земјата. Соочени со најтешката егзистенцијална криза што го погоди човечкиот вид и повеќето други видови на Земјата, владејачките елити поттикнаа конфликт што ја зголемува цената на нафтата и вклучи турбо на екстракцијата на фосилни горива. Тоа е колективно лудило.

Инсистирањето на долготраен конфликт со Русија и Кина ќе има контраефект. Очајнички се напорите постојаното губење на економската доминација на САД да бидат неутрализирани со воена доминација. Ако Русија и Кина можат да создадат алтернативен глобален финансиски систем, кој нема да го користи американскиот долар како светска резервна валута, тоа ќе сигнализира колапс на американската империја. Вредноста на доларот нагло ќе опадне. Државните обврзници кои се користат за финансирање на огромниот долг на Америка, ќе станат главно безвредни. Финансиските санкции што се користат за осакатување на Русија ќе биде механизмот кој нас ќе нè осакати, ако прво не се поубиеме во термонуклеарна војна.

Вашингтон планира да ја претвори Украина во Чеченија или во стариот Авганистан, кога администрацијата на Картер, под влијание на шаманот за национална безбедност Збигњев Бжежински, ги опреми и вооружи радикалните џихадисти кои ќе се претворат во Талибанци и Ал Каеда во борбата против Советите.

Тоа нема да биде добро за Русија. Тоа нема да биде добро за САД. Тоа нема да биде добро за Украина, бидејќи за да прокрвари Русија, ќе требаат реки украинска крв.

Одлуката да се уништи руската економија, да се претвори украинската војна во жив песок за Русија и да се урне режимот на Владимир Путин, ќе ја отвори Пандорината кутија на зла. Масивниот социјален инженеринг - погледнете ги Авганистан, Ирак, Сирија, Либија или Виетнам - има своја центрифугална сила. Ги уништува оние што глумат Бог.

Украинската војна ги замолкна последните остатоци на левицата. Речиси сите вртоглаво се пријавија за големата крстоносна војна против најновото олицетворение на злото, Владимир Путин, кој, како и сите наши досегашни непријатели, стана новиот Хитлер.

САД ќе дадат 13,6 милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина. ЕУ се реконфигурира со 5.000 лица од силите за брзо распоредување. За прв пат по Втората светска војна, Германија масовно се вооружува, нејзиниот нов воен буџет е двојно поголем од стариот буџет, со најава дека дополнително ќе го зголеми, што нејзината војска, од седма ќе ја направи трета најголема во светот, зад Кина и САД. Борбените сили на НАТО се удвојуваат во балтичките земји. Се испраќаат и во Романија и Словачка. Вашингтон го удвојува бројот на американски војници стационирани во Полска. Шведска и Финска размислуваат да се откажат од својот неутрален статус за да се интегрираат во НАТО.

Ова е рецепт за глобална војна. Историјата, како и сите конфликти и војни што ги покривав како воен дописник, покажаа дека кога се зазема милитантен став, малку е потребно за да се запали погребната клада. Една грешка. Едно пречекорување. Едно воено коцкање вишок. Една провокација вишок. Еден чин на очај.

Руската закана дека ќе ги нападне конвоите со оружје за Украина од Запад; нејзиниот воздушен напад на воена база во западна Украина, на 20 км од полската граница, која е област за организирање на странски платеници; изјавата на полскиот претседател Анджеј Дуда дека употреба на оружје за масовно уништување, на пример хемиско оружје, од страна на Русија против Украина, ќе биде „гејм ченџер“ што може да го принуди НАТО да ја преиспита својата одлука да се воздржи од директна воена интервенција - сето тоа се застрашувачки настани што ја туркаат Алијансата поблиску до отворена војна со Русија.

Штом ќе се распоредат воените сили, дури и ако тие наводно се во одбранбена положба, стапицата е поставена. Потребно е многу малку за белја. Огромната воена бирократија, кога ќе почне да се движи, станува незапирлива. Тоа не се движи по логика, туку со бескраен процес на „акции и реакции“, како што дозна Европа во двете светски војни.

Моралното лицемерие на САД е запрепастувачко. Злосторствата што Русија ги извршува во Украина се во иста или поголема мера видени како злосторства извршени од Вашингтон на Блискиот Исток во последните две децении, вклучувајќи го и чинот на „превентивна војна“, што според законите по Нирнберг е криминален акт на агресија. Ретко ова лицемерие се разоткрива толку како кога амбасадорката на САД во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд порача: „Видовме видео снимки од руските сили како преместуваат исклучително смртоносно оружје во Украина за кое нема место на бојното поле. Тоа вклучува касетна муниција и вакум бомби кои се забранети според Женевската конвенција“. Само неколку часа подоцна, официјалниот запис од нејзината забелешка беше изменет со зборовите „ако тие се насочени против цивили“. Тоа е затоа што САД - како и Русија - никогаш не го ратификуваа Договорот за конвенција за касетна муниција, редовно користат касетна муниција. Ја користеа во Виетнам, Лаос, Камбоџа и Ирак, а на Саудиска Арабија ѝ доставија за употреба во Јемен. Русија допрва треба да се приближи до билансот на загинати цивили од касетна муниција испорачана од американската војска.

Сега овие доктор Стрејнџелав ликови, како зомбија што се издигнуваат од масовните гробници што ги создадоа низ целиот свет, повторно поттикнуваат нови кампањи на индустриско масовно колење. Нема дипломатија. Нема обид за решавање на легитимните поплаки на нашите противници. Нема кочници за милитаризмот. Нема капацитет да се види светот од друга перспектива. Нема способност да се сфати реалноста надвор од границите на бинарната рубрика на доброто и злото. Нема разбирање за дебаклите што ги оркестрираа со децении. Нема капацитет за сожалување или каење.

Елиот Абрамс работеше во администрацијата на Реган кога известував од Централна Америка. Тој ги прикри злосторствата и масакрите извршени од воените режими во Ел Салвадор, Гватемала, Хондурас и од силите на Контрата, поддржани од САД, кои се бореа против сандинистите во Никарагва. Тој жестоко ги нападна новинарите и групите за човекови права како комунисти или петтоколонаши, нарекувајќи нè „неамериканци“ и „непатриоти“. Беше осуден поради лажење на Конгресот за неговата улога во аферата Иран-Контра. За време на администрацијата на Џорџ В. Буш, лобираше за инвазија на Ирак и се обиде да организира американски државен удар во Венецуела за да го собори Хуго Чавез.

Истиот тој, денес како угледен член на Советот за надворешни прашања, ќе напише:

„Нема да постои супститут за воената сила, а ние ја немаме доволно. Сега треба да биде кристално јасно дека поголем процент од БДП ќе треба да да се троши за одбрана. Ќе ни треба повеќе конвенционална сила во бродови и авиони. Ќе треба да ги парираме Кинезите во напредната воена технологија, но на другиот крај од спектарот, ќе ни требаат и многу повеќе тенкови, ако треба, да стационираме илјадници во Европа, како што правевме за време на Студената војна. Идеите да се намали нашиот нуклеарен арсенал или да се спречи неговата модернизација секогаш беа лоши идеи, но сега, кога Кина и Русија го модернизираат своето нуклеарно оружје, таквите ограничувања треба целосно да се напуштат. Нашиот нуклеарен арсенал ќе треба да се модернизира и прошири така што никогаш нема да се соочиме со закани какви што сега ги прави Путин“.

Путин влезе во орото на воената индустрија. На милитантите им го даде тоа што сакаат, ги исполни нивните најлуди фантазии. Сега нема да има пречки на маршот до Армагедон. Воените буџети ќе се зголемат. Нафтата ќе шика од земјата. Климатската криза ќе се забрза. Кина и Русија ќе ја формираат новата „оска на злото“. Сиромашните ќе бидат заборавени. Патиштата ќе бидат закрчени со очајни бегалци. Сите несогласувања ќе бидат предавство. Младите ќе бидат жртвувани за уморните приказни за слава, чест и татковина. Ранливите ќе страдаат и ќе умрат. Единствените вистински патриоти ќе бидат генералите, воените профитери, опортунистите, дворјаните во медиумите и демагозите кои молат за што повеќе крв. Трговците со смртта владеат како богови од Олимп. А ние, преплавени од страв, опиени од војна, зафатени од колективната хистерија, навиваме за сопственото уништување.

Крис Хеџис

20 март 2022 - 09:26