Патрик Соон Шионг одвои 500 милиони долари за купуванка на Л.А. Тајмс и уште пар помали информативни брендови. Сумата е двојно поголема од онаа што Џеф Безос ја извади за купување на Вашингтон Пост.
Шионг со својата био-технолошка компанија и лаборатории со децении се обидува да најде лек за рак. Роден е во Јужна Африка од кинески родителите, во Калифорнија стигнува како хирург за во 2004 Форбс да го прогласи за „најбогатиот доктор во историјата на светот“.
Важи за енигматичен милијардер кој неодамна откри дека е џанак за вести и во име на тој фетиш одвои половина милијарди долари за следна инкарнација да му биде медиумски могул а следен предизвик лажните вести, врескачките наслови, полу-информациите, мамките за изнудување кликови, вестите кои поларизираат, пропагандата маскирана во вести.
Л.А. Тајмс е некогашен весникарски бисер кој последниве години потклекна под ударите на интернетот и погрешните корпоративни потези на последниот газда. Зад себе има 136 годишна историја, во златните времиња на 90-тите имаше импозантна редакција од 1.300 лица. Денес се 400 вработени на кои Шионг планира да им покаже дека имаат иднина не со бизнис анализа туку со човечка анализа што на човештвото му треба од вестите.
„Поради мобилните уреди денес се изгуби уживањето во читањето. Имате генерација чии мозоци се програмирани да се хранат само со мали информативни залчиња, при што им осиромашува и способноста за концентрација и буквално им се случуваат психолошки промени во мозокот,“ вели новиот сопственик на Л.А. Тајмс.
Тој потсетува дека се работи за нов феномен на зависност од наслови, пасоси, твитови и други кратки форми во кои е тешко да се разликува што е информација, полу-информација, лажна информација, манипулација или пропаганда.
Според неговите визии, по аналогија на оживувањето на интересот за винилот во музиката, токму новите хипстери ќе бидат оние кои ќе посакаат враќање на хартијата кај медиумите.
„Сакам новинарите повторно да бидат ѕвезди, да го негуваат она што го делат со научниците; љубопитноста, откривањето, објаснувањето, разбирањето. Не ме занимаат содржини кои го возбудуваат окото 10 секунди,“ вели милијардерот кој има аверзија кон социјалните медиуми.