Би-Би-Си како продолжена рака на државата

Смртта на кралицата Елизабета Втора, кога Би-Би-Си се откажа од стандардната програма за сметка на бескрајно, ким-ил-сунговско покривање на настанот, потсети дека овој сервис честопати повеќе е глас на државата отколку глас на народот. А врските се и малку подлабоки од тоа.

Среде таа пригодна црнина и медиумски литии по старата кралица, Би-Би-Си објави и ваков, мао-це-тунговски наслов

“Смртта на кралицата Елизабета Втора: Моментот кога историја запира“

Истовремено, презентерот Клајв Мари објаснуваше дека трошоците за живот и енергетската криза која ја дрма земјата се небитни во однос на  ВЕСТА.

И пред оваа епизода, репутацијата на британскиот информативен сервис беше во криза. Меѓу 2018 и 2022, бројот на Британци кои му веруваат на Би-Би-Си падна од 75% на само 55%. Се разбира, останува медиумски гигант кој на три четвртини од населението им е главен извор за информирање.

„Нашето истражување покажува дека BBC секогаш свесно бил користен како продолжена рака на државата а бродкастерот отворено соработувал со британската армија, разузнавачките сервиси и НАТО, со цел да го обликува мислењето на британската и светската јавност“, пишува Алан Маклеод од Минтпрес. 

Би-Би-Си отсекогаш негувале блиски односи со британската војска, и покрај инхерентниот конфликт на интереси. Базите на податоци и веб-страниците за вработување го открива постоењето на отворен двонасочен портал меѓу радиодифузерот и НАТО.

Помеѓу 2007 и 2008 година, долгогодишната продуцентка и водителка на вести на Би-Би-Си, Викторија Кук, истовремено земала плата и од НАТО, работејќи како новинар и тренер за медиуми.

Оана Лунгеску ја напушти позицијата дописник за светскиот сервис ( најугледниот сегмент на платформата) за да прифати работа како портпарол во НАТО.

Дописникот на британскиот сервис за одбранбени прашања, Марк Лаити, го напушти Би-Би-Си за да стане заменик портпарол на секретарот на НАТО, Џорџ Робертсон.

Дејвид МекГи беше продуцент на вести, сè додека не реши да стане меиумски менаџер во НАТО со задача да обезбедува ПР логистика.

Има и обратни трансфери: Теренс Сах ја напушти позицијата разузнавачки аналитичар во британското министерство за одбрана, за да стане експерт на Би-Би-Си.

Mожеби најзначајно е вработувањето на офицери за психолошки операции на НАТО од страна на Би-Би-Си, кои треба ем да дадат наводно објективни информации, ем истовремено да бидат пропагандисти на воената алијанса. Помеѓу 1994 и 2014 година, на пример, Сулејман Радманиш работел за Светскиот сервис на Би-Би-Си, примарно произведувајќи содржини со кои се таргетирало авганистанското население. Но, во дел од тој период работел и како видео уредник на НАТО, „уредувајќи кратки клипови за Психолошки операции“ според неговиот профил на LinkedIn.

И друг оперативец има по една нога и во НАТО и во Би-Би-Си. Бојан Лазиќ,  истовремено и специјалист за психолошки операции со полно работно време во НАТО, но и технички консултант на Би-Би-Си. Вработувањето се совпаѓа со бомбардирањето на НАТО на неговата родна Југославија.

Би-Би-Си е основан во октомври 1922 година за да се искористат предностите на новата радио технологија. Тоа се турбулентни времиња и во Кралството и во Европа.

Властите долго време интерно дебатирале каков треба да биде односот на државата кон Би-Би-Си. Винстон Черчил бил за отворено и официјално преземање на сервисот но други тврделе дека треба да се игра поделикатно, со поента дека медиумот ќе има поголема моќ за убедување доколку одржува фасада на независност.

Ова бил пристапот кој го фаворизирал Лорд Рит, коментирајќи дека владата „знае дека може да ни верува дека не сме навистина непристрасни“.

Истиот има кажано дека ако Франција имала свој државен бродкастер како Би-Би-Си во 1789 година, таму никогаш немаше да се случи Француската револуција.

30 ноември 2022 - 15:21