"Документите за прв пат го откриваат обемот на контрола што американските власти го имаат врз Холивуд, тука вклучувајќи ја и способноста да ги менуваат сценаријата или да спречат снимање на филмови кои се премногу критички настроени кон Пентагон - да не спомнуваме за влијанието што го имаат врз некои од најпопуларните филмски франшизи од последниве години.
Ова го наметнува прашањето не само за тоа како функционира цензурата во модерната индустрија за забава, туку и за малку познатата улога на Холивуд како пропагандна машина на американскиот безбедносен апаратус," пишуваат во својот текст Том Секер и Метју Алфорд.
Пред да се зафатат со истрагата, двајцата новинари го делат општоприфатеното мислење дека Пентагон се има вмешано во работата на Холивуд, ама тоа не е нешто посебно многу и дека во прашање се околу 200 филмови на кои прават минимална корекција.
По читање над 4.000 страни нови документи од Пентагон и ЦИА, тие сфаќаат дека "американската влада зад сцената има работено на повеќе од 800 филмови и 1.000 ТВ наслови".
Ако е до некаде разбирливо мешањето на американските шпиони во снимањето на Војната на Чарли Вилсон, тоа е далеку помалку јасно кога е во прашање Запознај ги родителите (комедијата со Роберт Де Ниро и Бен Стилер). Американската влада се наметнува и како ко-сценарист на франшизи како Џејмс Бонд, Трансформери, и филмови од Марвел и Диси.
На телевизија властите се вмешани во серии како Хаваи 5-0, до реални шоу како Америка има талент и Топ готвач, забавни шоуа како Опра или Џеј Лено, до документарци на Пибиес, Хистори каналот и Бибиси.
Востановената процедура за секој што сака во својот филм да има автентична воена опрема, е прво да тропне во Пентагон и да го пушти своето сценарио на проверка во канцеларијата за врски со забавната индустрија.
Ако во сценариото има ликови, дејствие или дијалог што Пентагон не го одобрува тогаш филмаџиите мора да направат промени за да одговорат на барањата на војската. Ако одбијат да го направат тоа, тогаш Пентагон им одбива пристап до кое било парче од нивната опрема, па нека најдат Мајкл Беј или Авенџерс тенкови преку Али Експрес.
За да добијат целосна соработка продуцентите на филмот потпишуваат договор кој ги обврзува до последна точка да го следат сценариото одобрено од војската. Ова најчесто доведува до инциденти кога глумци или режисери импровизираат за време на снимањето.
Пример за штелувањето од Пентагон е оригиналниот Хулк (од 2003) кога лабораторијата во која случајно е создаден Хулк, од воена, со интервенција на цензорите, се претвора во не-воена лабораторија. Исто така во филмот е сменето и името на операцијата за заробување на вториот во Брус Банер, од "Ranch Hand" во "Angry Man". Проблемот е што "Ranch Hand" е името на вистинска воена операција во која американската авијација истура милиони литри пестициди и други отрови врз виетнамска територија, со што милиони декари земјоделско земјиште станува отровно и неплодно.
Освен овие филмови што се направени во "ко-продукција" со американската војска, Секер и Алфорд во својата книга National Security Cinema наведуваат и неколку филмови кои никогаш не се снимени затоа што не ја добиле потребната поддршка. Пример, филмот Countermeasures никогаш не почнува со продукција затоа што во него се зборува за Иран-Контра скандалот, објаснувањето на Пентагон за одбивање на соработка за овој филм е "немаме потреба да ја потсетуваме јавноста за Иран-Контра аферата."
Слично минуваат и Fields of Fire и Top Gun 2, кои не успеваат да ја соберат потребната поддршка од војската заради контроверзни делови од сценариото. Така завршува и еден планиран документарец на Луис Теру за маринците, кој е одбиен од Пентагон и никогаш не е снимен.
Ваква канцеларија за врски со Холивуд има и ЦИА, која успева да се наметне во снимањето на филмови како Регрут, или да цензурира, отстрани или модифицира сцени од Zero Dark Thirty, филмот за убиството на Бин Ладен. Она што го имаше на хартија, а не стигна во филмот е сцена за пијан ЦИА агент кој распалува со Калашников од кров во Исламабад, или сцените во кои ЦИА користи кучиња за измачување на затворениците.
Во една од поопсежните акции, ЦИА го саботира снимањето на документарец за ОСС (нивниот претходник), со тоа што преку своите луѓе во Сибиес започнува развивање на конкурентен серијал документарци. Кога помалото студио не успева да се справи со притисок и трошоците, тие затвораат, а во исто време и Сибиес престанува со снимањето на својот проект.
НСА на пример влијае на снимањето на Државен непријател (Вил Смит), каде сценариото се менува од тоа дека недозволените постапки се пракса на НСА во тоа дека тие се постапки на само неколку лоши ликови во американското контра разузнавање.