„Виша сила“ е надминат концепт?

Терминот губи на значење во време кога знаеме дека човечкатa aктивност е онаа која ги предизвикува екстремните климатски појави.

Климатските промени почнуваат да го менуваат начинот на кој ги разбираме нештата, како на пример концептот на „природа“, но и со него поврзаниот  „виша сила“.

Ова не подразбира теолошка дискусија, туку има многу практично правно значење. „Виша сила“ (или на англиски, Аct of God) заштитува правни или физички лица од одговорност за „непредвидливи ситуации или такви кои не можат да се спречат“. Тука главно се подразбираат урагани, земјотреси, поплави и сл. Вакви клаузули има во полиси за осигурување, бизнис договори, а можат да се сретнат и во легислативата на различни држави.

Генерално земено, има два услова кои одредуваат дали нешто е „виша сила“: 1) Тоа дека ниту една човечка активност не можела да го спречи настанот, и 2) дека ниту еден човек или институција не можеле да ги превенираат или да ги одбегнат несаканите ефекти. Со други зборови, дејството на „вишата сила“ мора да е непредвидливо, а последиците од тоа дејство да е невозможно да се спречат.

Дури и само врз оваа основа терминот е речиси излитен и несоодветен - или барем би требало да биде. Иако специфични природни катастрофи, како урагани или пожари можат да се класифицираат како „виша сила“, нашето акумулирано знаење за промените на климатските системи оди контра секое сфаќање на временските прилики како сосема независни од човечката активност. Ако луѓето се замешани во тоа каква е климата, а тоа влијае врз временските прилики, тогаш овие две нешта мора да се поврзани. Така, „вишата сила“ се укинува, а одговорни стануваме самите ние.

Но легислативата се уште го нема земено ова предвид. Иако ниту еден поединец не може да биде посочен како одговорен за, на пример, некаков ураган, сепак е погрешно да се смета дека временските прилики и голем дел од природните појави не се последица на човечка активност, или дека истите не можеле да бидат спречени. Научниците со децении ја предупредуваат јавноста во однос на климатските промени предизвикани од човекот. Притоа фактот што „виша сила“ станува надминат термин е само симптом на подлабок проблем - тоа што законските и интелектуалните концепти не одат во чекор со нашето растечко разбирање на климата.

Изразот прв пат се појавил во британското законодавство пред околу 400 години, на почетокот на индустриската револуција, и (според други толкувања) близу „антропоценот“ - геолошката ера во која луѓето стануваат доминантниот елемент во моделирањето на животната средина. И тогаш „дело на Бога“ не значело баш дека истото се му се припишува на Господ, туку повеќе служело за одредување на границите на способноста на човекот. Судовите од 16-18 век се повикувале на „виша сила“ главно кога станувало збор за бродови кои пренесувале стока, а кои во случај да потонеле во бура, се запалеле или на друг начин го загубиле товарот требало да им исплатат отштета на сопствениците (или да не го сторат тоа доколку докажеле не можеле да ја спречат катастрофата).

Но она за што не е одговорна „виша сила“ е одговорен човек. Таков кој убива, краде, прави кривични дела свесно или несвесно. Прв ваков случај каде се судриле концептите на виша и човечка сила во контекст на животната околина е британски. Во него еден приватен земјосопственик ставил брана на извор за да си направи свој резервоар. Но се случила голема бура, браната попуштила и водата ги однела сите четири јавни мостови. Најпрвин основниот суд одлучил дека се работело за Божји чин, но кога случајот бил даден пред повисок суд одлуката била преиначена. Образложение: да немало самоволно изградена брана на тоа место, и поплавата немало да била толку катстрофална.

Концептот на „виша сила“ подразбира таков светоглед според кој природата е одделена од општеството и претставува затворен систем кој не е под никакво човечко влијание. Ова одамна знаеме дека не е така. Оттаму, истото би требало да се одрази и на нашите закони, и на начинот на кој зборуваме за нештата кои сепак можеме колку-толку да ги предвидиме и превенираме.

извор

11 јануари 2019 - 12:02