Русија ќе гради нуклеарeн реактор за кинеската база на Месечината

Новиот сојуз на Москва и Пекинг насочен против глобалната американска доминација добива вселенски димензии. Русија ќе ѝ гради на Кина нуклеарна централа на Месечината за да ја напојува идната лунарна станица која не толку далеку во иднината ќе ја населат кинески астронаути. Реакторот и базата ќе ги градат роботи. НАСА не доби пари за својата лунарна станица Гејтвеј.

Русија и Кина потпишаа договор за изградба на нуклеарна централа на Месечината, како витален елемент за идни вселенски мисии и истражувања со и без екипаж.

Според меморандумот, рускиот реактор ќе се користи за напојување на Меѓународната станица за истражување на Месечината (ILRS), заеднички управувана од Кина и Русија, а треба да биде завршен до 2036 година.

Јуриј Борисов, генерален директор на руската вселенска агенција Роскосмос, во интервју за ТАСС најави дека реакторот ќе биде граден од автономни машини, без присуство на луѓе. Тој не објасни детали, но додаде дека технолошките чекори се „речиси готови“.

Станицата ќе спроведе фундаментални вселенски истражувања и ќе тестира технологии за долгорочни операции без екипаж, како подготовка за испраќање луѓе на Месечината, објави Роскосмос.

Проектот за изградба на постојана лунарна база на јужниот пол на Месечината досега привлече 17 земји, како Египет, Пакистан, Венецуела, Тајланд и Јужна Африка. Основата ќе биде поставена од кинеската мисија Chang'e-8 во 2028 година, која опфаќа прво спуштање на кинески астронаут на Месечината.

Потоа, во првата половина од идната деценија, со пет лансирања таму ќе бидат префрлени тешките машини што ќе ја градат базата. Во завршната фаза таа ќе биде поврзана со станица што ќе орбитира околу Месечината и со два јазли лоцирани на екваторот и на „темната страна“, објаснува Ву Јанхуа, главниот дизајнер на кинескиот проект за длабоки истражувања.

Станицата би требало да ги прими првите домаќини во 2050 година. Ќе се напојува со енергија од соларни, радиоизотопски и нуклеарни генератори. Ќе има и разни видови лунарни возила, автономни и управувани од луѓе во кабина под притисок, најави Ву.

Кина го почна својот лунарен поход пред само 12 години, со мисијата Chang'e 3, а веќе испрати на Месечината повеќе ровери што целосно ја мапираа површината на видливата и темната страна и собраа примероци.

Со ова темпо Кинезите може да ги претркаат САД кои ги развлекуваат плановите на НАСА за враќање на Месечината по повеќе од 50 години. Програмата Артемис 3 за испраќање астронаути, која треба да се спроведе во 2027 година, е загрозена од кратењето на буџетот за НАСА за 2026 година. Во буџетот не се предвидени средства за проектот за лунарната станица Гејтвеј, иако е постигнат напредок во изградбата на модулите.

15 мај 2025 - 08:33