Микрософт и Гугл уште во јуни подготвиле тужба против американската влада, во која бараат да им биде овозможено да објавуваат повеќе информации околу нивната соработка со НСА. и двете компании веруваат дека уставот им го гарантира ова право.
Од јуни до сега, во преговори со министерството за правда тие 6 пати го одлагаат активирањето на тужбата, во надеж дека ќе постигнат вон судски договор со Владата.
30 август, во 17 часот (источно време) беше крајниот рок на последното одложување на тужбата. Откако не беше постигнат договор, двете компании одбија да прифатат уште едно продолжување и решија дека сепак ќе одат на суд, и таму ќе ги бараат работите што не успеаа да ги договорат со владата.
Уште од објавувањето на информациите од Сноуден, Микрософт и Гугл бараат од властите да им дозволат да објават до кој степен е нивната соработка со НСА, за корисниците и странските влади да можат сами да проценат колку треба да им веруваат на нивните сервиси.
"На пример ние веруваме дека е клучно да се објави информација која јасно го покажува бројот на барања од националната безбедност за содржини од нашите корисници, како смс пораки или мејлови. Овие бројки треба да бидат објавени во форма која јасно се разликува од барањата за предавање на мета податоци како информации за одреден претплатник поврзани со одредена меил адреса. Веруваме дека е возможно овие информации да се објават на начин со кој ќе го избегнеме ризикувањето на безбедноста," пишува во своето писмо потпретседателот за правни работи на Микрософт, Бред Смит.