Спорот што го имаат е околу Јава програмскиот јазик кој се користи во секој можен Андроид телефон и уред. Гугл употребува делови од Јава за развивање на Андроид. Јава сама по себе е бесплатна за користење, ама според Оракл не за начинот на кој Гугл ја користи.
Случајот прв пат влезе во судска процедура во 2010, а Оракл моментално од Гугл бара да му биде исплатена отштета од 8,8 милијарди долари.
Во моментот, последна е судската одлука во корист на Оракл, која и по 8 години по судови уште не е конечна.
Оракл тврди дека нивните АПИ-ја се бесплатно достапни за сите што сакаат да создаваат апликации за компјутери или смартфони, меѓутоа таа дозвола не ги опфаќа и оние кои сакаат да ги искористат за конкурентска платформа или за да ги направат дел од работењето на електронски уред, односно, како што Гугл ги прави дел од Андроид оперативниот систем.
„Тоа што Андроид е бесплатен не значи дека Гугл некомерцијално употребува пакети од АПИ-то на Јава,“ пресуди американскиот суд, нагласувајќи дека Андроид до сега генерирал над 42 милијарди долари во приходи од рекламирање.
Пред оваа одлука, судот во Калифорнија во 2016 одлучи во корист на Гугл, дека „постапките на компанијата се фер користење“ кое е исклучено од законот за авторски права.
Во последната одлука се оценува дека „нема ништо фер во земање заштитен материјал без никаква промена и негово имплементирање во исти цели и намена како и оригиналот на конкурентска платформа“.
Гугл најверојатно ќе поднесе жалба на последната одлука. На страната која ќе загуби во следниот чекор од постапката и останува уште Врховниот суд на САД.
Јава е производ на Сан микросистемс од 1990-те. Оракл во јануари 2010 ја купува компанијата за 7,4 милијарди долари и за помалку од 8 месеци поднесува тужба против Гугл.