Епл би копал кобалт до последен Африканец

Кобалтот е клучен дел на секоја можна литиумска батерија во светот, без разлика дали за смартфони, таблет уреди и лаптопи, или бор-машини и Тесла возила. Проблемот со него е што го има во многу ограничени количини, многу тешко се вади (често пати од деца рудари) и Кинезите обезбедија многу голем дел од светските резерви доминантно сместени во Африка.

Деца работници од рудниците за кобалт во Конго

Конго (ДР) е еден од најголемите извозници на кобалт, дел рафиниран во домашни капацитети, дел како суровина испорачан во Азија па таму доработен. (97% од светскиот кобалт се добива како нус-производ од никел или бакар.)

Во просек секој смартфон има 8 грама кобалт во себе, од него 60% доаѓаат од Конго. Моментално, според Блумберг, во светот само Епл има во оптек околу 1,3 милијарди Ајфони. За споредба, батерија на еден електричен автомобил содржи 1.000 пати повеќе кобалт отколку батеријата на смартфон.

Како што за неполни 11 години стигна до 1,3 милијарди смартфони, така Епл веројатно ќе продолжеше и кон втората и третата милијарда, ако во целата игранка не се уфрлеше Тесла и последователниот интерес на некој можен авто-производител да почне да произведува електрични автомобили. Соочен со конкуренција и со кинески интереси, Епл решава дека ќе го смени досегашното работење, и наместо кобалтот да го набавува од „прекупци“ ќе почне директно да работи и да потпишува договори со рудниците. До измислување на некоја нова технологија на која ќе се базираат батериите, ова е единствена гаранција за Епл дека на располагање ќе има доволно кобалт, и дека колку толку ќе може да ја контролира цената. (Во последните 18 месеци цената на кобалтот се зголеми за три пати и денес изнесува 80.000 долари за тон.)

Инаку снабдувањето со кобалт беше проблематично уште пред појавата на електричните автомобили, а паниката само расте заради предвидувања дека до 2040 половина од продадените нови автомобили ќе бидат електрични.

Дури и што со „одење на изворот“ Епл го решава проблемот со суровина, дури и ако се прескокнат проблемите со политичката нестабилност на Конго и експлоатацијата на детски труд, за американската компанија пак останува проблемот со преработка на суровината. Кинезите и понатаму се водечкиот преработувач на кобалт, што значи и дека се водечки извор на овој метал за американските производи. За споредба, годишното производство на кобалт во САД не може да ги задоволи ни потребите на Тесла.

„Ако Епл и останатите производители на смартфони, а да не ги спомнувам Тесла и сличните, не можат да најдат стабилен и релативно евтин извор на суровини, ерата на Ајфони од 1.000 долари ќе изгледа привлечна во споредба со она што нè очекува,“ пишува Ендру Фриман во текстот за Мешабл.


Репортажа на Скај за децата работници во рудниците за кобалт во Конго: